• петок, 21 февруари 2025

Анкета: Поделено мислењето на Грците за американскиот претседател Трамп

Анкета: Поделено мислењето на Грците за американскиот претседател Трамп

Атина, 24 јануари 2025 (МИА) – Речиси еден од тројца Грци, односно 27 отсто „со загриженост“ гледаат на новото претседателство на Доналд Трамп во САД, 22 проценти „со љубопитност/интерес“, додека 16 отсто изразуваат „неутралност или рамнодушност“, а 12 проценти „песимизам“, согласно истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

На домашната сцена и во пресрет на утрешното прво гласање во Парламентот за претседател на Грција, речиси половина од анкетираните, односно 49 отсто негативно ја оценуваат одлуката на грчкиот премиер за шеф на државата да го предложи собранискиот спикер Константинос Тасулас.

Во однос на рејтингот на партиите, Нова демократија е стабилна на првата позиција со 25,5 отсто, ПАСОК е втора со 13 проценти, Комунистичката партија и радикално десничарската Грчко решение добиваат осум отсто, а СИРИЗА седум проценти.

За личните очекувања во 2025 година, 48 отсто од анкетираните одговориле дека горе-долу ќе биде иста како и претходната, а 35 проценти сметаат дека ќе биде полоша од 2024 година.

Истражувањето на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 19 до 21 јануари со анкетирани 1.124 лица со право на глас. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан