Ал-Шара во Турција на разговори со Ердоган за стабилноста и економијата на Сирија
- Привремениот сириски претседател Ахмед ал-Шара денеска ќе пристигне во соседна Турција на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Ова е неговата втора официјална посета во странство откако е на власт, јави ДПА.

Анкара, 4 февруари 2025 (МИА) - Привремениот сириски претседател Ахмед ал-Шара денеска ќе пристигне во соседна Турција на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Ова е неговата втора официјална посета во странство откако е на власт, јави ДПА.
Средбата е закажана за вечерните часови во главниот град Анкара, соопшти кабинетот на Ердоган.
Двајцата лидери ќе разговараат за најновите случувања во Сирија и за заедничките чекори кон „економско закрепнување, одржлива стабилност и безбедност“, објави кабинетот на Ердоган на социјалната мрежа Икс.
Турција се надева дека оваа посета ќе придонесе за зајакнување на билатералните односи „што беа повторно воспоставени откако Сирија ја поврати својата слобода“, се вели во соопштението.
Покрај Турција, и Саудиска Арабија и Катар брзо ги обновуваат односите со новата сириска власт. Турција сака да помогне во економската обнова по повеќе од една деценија граѓанска војна, како и во поддршката на сириската војска.
Зголеменото турско влијание во регионот следува по соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во декември од страна на исламистичка алијанса. Ал-Асад имаше поддршка од Русија и Иран.
Во меѓувреме, милиции поддржани од Турција продолжуваат со борби против курдските сили во северна Сирија, во близина на границата меѓу двете земји. Анкара ги смета курдските сили за „терористички организации“ поврзани со забранетата Курдска работничка партија (ПКК) и бара нивно распуштање. ссм/
фото: архива