Алексиќ: Генералниот штрајк е природно будење на организмот по 12 години насилство
- -Ние трпиме репресии 12 години. Во Србија сè се распадна, а како последица на тоа имаме страдања на невини граѓани. Србија се крена бидејќи оваа ситуација веќе е неодржлива. Луѓето кои денеска се во генерален штрајк се борат за иднината и правдата и ги поддржуваат студентите кои се перспективата на оваа држава, рече тој.

Белград, 24 јануари 2025 (МИА) - Претседателот и пратеник на Националното движење на Србија (НПС) Мирослав Алексиќ денеска изјави дека генералниот штрајк е природно будење на организмот по 12 години насилство кое граѓаните на Србија го трпат од режимот.
Алексиќ за Бета изјави дека насилството врз институциите, законите и Уставот трае веќе 12 години.
-Ние трпиме репресии 12 години. Во Србија сè се распадна, а како последица на тоа имаме страдања на невини граѓани. Србија се крена бидејќи оваа ситуација веќе е неодржлива. Луѓето кои денеска се во генерален штрајк се борат за иднината и правдата и ги поддржуваат студентите кои се перспективата на оваа држава, рече тој.
На прашањето како го гледа решението на политичката криза, Алексиќ рече дека предуслов за секоја политичка дискусија е исполнување на сите студентски барања.
-Владата мора прво да го стави прстот на чело и да ги исполни сите четири барања на студентите. Дури потоа политичката криза би можела да се реши со политички договор за формирање на преодна влада чија задача би била да ги нормализира изборните услови пред распишување на изборите, да го реши избирачкиот список и состојбата во медиумите и спречи притисок врз гласачите, рече тој.
Според него, владата не е подготвена да ги исполни барањата на студентите бидејќи корупцијата околу реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад води кон самиот врв на државата.
-Корупцијата околу реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад води до Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ, Милош Вучевиќ, Горан Весиќ, Томислав Момировиќ и сите други кои носеа одлуки и убиваа српски граѓани поради корупција. Нема да има решение за ова криза додека не почнат институциите си ја вршат работата, посочи Алексиќ.
Коментирајќи го собирот закажан за вечерва во Јагодина, на кој ќе зборува српскиот претседател Александар Вучиќ, Алексиќ рече дека владата се обидува да ја „закопа“ својата одговорност за трагедијата на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица.
-Властите вечерва во Јагодина ќе донесат меѓу 800 и 1.000 автобуси и со лаги ќе продолжат да ги манипулираат граѓаните. Се обидуваат да ја сокријат својата одговорност и да ја оттргнат темата од трагедијата во Нови Сад, за да не ги исполнат барањата на студентите. Нивната цел е по секоја цена да останат на власт по цена и продолжување на општиот грабеж и распаѓање на државата, оцени Алексиќ.сд/
фото:МИА архива