• петок, 05 декември 2025

Албанската министерка за надворешни работи го посети Хашим Тачи во Хаг

Албанската министерка за надворешни работи го посети Хашим Тачи во Хаг

Тирана, 4 ноември 2025 (МИА) - Албанската министерка за надворешни работи, Елиса Спиропали, го посетила поранешниот косовски претседател Хашим Тачи во притворот на Специјализираниот суд за Косово во Хаг, јави АТА, повикувајќи се на објава на Спиропали на социјалните мрежи.

Тачи е еден од четворицата поранешни команданти на распуштената Ослободителна војска на Косово (ОВК) против кои на 3 април 2023 година започна судски процес по обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на војната во Косово (1998–1999). Тој, заедно со Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, е во притвор во Хаг од ноември 2020 година, каде сè уште го чека исходот на постапката.

„Ми беше драго што го најдов претседателот Тачи во добро здравје. Тој внимателно ги следи случувањата во Албанија и Косово и сака да ги види нашите две земји во најдобра можна состојба“ напиша Спиропали.

Таа додаде дека на Тачи му ја пренела поддршката од Министерството за надворешни работи, Владата на Албанија и премиерот Еди Рама за „редовен и праведен процес кој, на крајот, ќе донесе историска правда, а не историска неправда“.

Во изминатите месеци, косовски и албански граѓани одржаа три масовни протести во поддршка на поранешните команданти на ОВК – на 7 август во Приштина, на 14 септември во Хаг и на 17 октомври во Тирана – барајќи нивно ослободување и изразувајќи незадоволство од, како што рекоа, „неправдите што им се прават на четворицата поранешни лидери на ОВК“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан