• недела, 08 март 2026

Акција за позелено Делчево: Засадени 60 садници липа во центарот на градот

Акција за позелено Делчево: Засадени 60 садници липа во центарот на градот

Делчево, 8 март 2026 (МИА) - Со засадување садници липа, членовите на Ендуро Тим Делчево реализираа акција за разубавување на централното градско подрачје во Делчево.

Акцијата е дел од поширока иницијатива за збогатување на зеленилото во градот, откако беа донирани садници липа со цел да се придонесе кон обновување на препознатливиот изглед на градот.

Донацијата како што информираше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски е обезбедена од долгогодишен поддржувач на локални еколошки активности се вклучи во иницијативата за засадување нови дрвја во градот. Тој посочи дека Делчево во минатото било препознатливо како „град на липите“ и дека ваквите активности имаат за цел повторно да го вратат тој дух и традиција.

– Со заеднички ангажман на институциите, компаниите и граѓаните можеме повторно да го обновиме зеленилото и да создадеме поубава и поздрава животна средина за сите жители на општината, истакна Гоцевски.

Дел од садниците како што додаде тој се наменети за јавни површини и ќе бидат засадени на повеќе локации во градот, во интерес на сите жители.

Покрај оваа донација, во иницијативата се вклучиле и повеќе општествено одговорни компании и граѓани, при што вкупниот број на обезбедени садници липа надминува 1.000 садници, што претставува значаен придонес за зголемување на зелените површини во градот.

Во рамки на денешната акција, членовите на Ендуро Тим Делчево засадија околу 60 садници липа во централното градско подрачје, со што, како што посочија, сакаат да придонесат за поубав изглед на градот и да ја поттикнат грижата за животната средина.

– Веруваме дека со мали дела можат да се направат големи промени во заедницата. Нека растат дрвјата, а заедно со нив и љубовта кон нашиот град, порачаа од Ендуро Тим Делчево.

Иницијативата, како што беше истакнато, има за цел да поттикне поголема еколошка свест и активно учество на заедницата во создавање поубаво, позелено и поквалитетно урбано опкружување во Делчево. вс/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан