• петок, 05 декември 2025

Адили-Емини: Учеството во ПАБСЕК е потврда на посветеноста на соработката, мирот и заедничкиот развој

Адили-Емини: Учеството во ПАБСЕК е потврда на посветеноста на соработката, мирот и заедничкиот развој

Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Валбона Адили-Емини, членка на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, учестуваше на 66. Генерално собрание на седницата на ПАБСЕК, што се одржа во Софија, Република Бугарија, од 23 до 25 ноември 2025 година. Темата на форумот беше „Соработка со Европската Унија и други меѓународни регионални организации“.

 Валбона Адили-Емини, како што соопшти собраниската прес-служба, учествуваше активно во работата на собраниските тела и пленарните расправи.

На свеченото отворање на седницата, поздравни обраќања имаа Драгомир Стојнев, потпретседател на Народното собрание на Република Бугарија; Шалва Папуашвили, претседател на Парламентот на Грузија; Георг Георгиев, министер за надворешни работи на Република Бугарија и претседавач со БСЕК; Петар Канев, шеф на бугарската делегација во ПАБСЕК и Асаф Хајиев, генерален секретар на ПАБСЕК.

Во рамките на генералната дебата на тема „Соработка со Европската Унија и други меѓународни регионални организации“, се обрати и Валбона Адили-Емини, истакнувајќи го значењето на европската интеграција за државата. Таа потенцира дека реформите кои ги спроведува Северна Македонија се насочени кон зајакнување на демократијата, владеењето на правото и транспарентноста. Адили-Емини рече дека нашето учество во регионални иницијативи како што е ПАБСЕК, претставува потврда на посветеноста на соработката, мирот и заедничкиот развој.

-Северна Македонија е подготвена активно да придонесува во заедничките политики за одржлив раст, енергетска безбедност и културна размена. Пратеничката истакна дека регионалната соработка не е само прагматичен избор туку и стратешка обврска. Преку дијалог, заемно разбирање и заеднички акции, градиме мостови на доверба, а во време кога глобалните предизвици се сè покомплексни, преку солидарност и инклузивни политики можеме да обезбедиме стабилна иднина за сите граѓани во регионот, нагласи таа.

Генералното собрание, како што асе наведува во соопштението, расправаше за повеќе теми од областа на економската соработка, владеењето на правото, социјалната и хуманитарната политика, како и за улогата на вештачката интелигенција во одржливиот социо-економски развој на регионот на Црното Море.

Делегатите усвоија препораки за економските, правните и општествените аспекти од користењето на вештачката интелигенција за одржлив социо-економски развој во регионот на БСЕК.

Освен нашата земја, на Собранието учествуваа и претставници на националните делегации на Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Ерменија, Романија, Молдавија, Србија, Турција и Украина.

Меѓу претставниците на други меѓународни институции кои се обратија на Собранието, се и амбасадорот Лазар Команеску, генерален секретар на БСЕК ПЕРМИС; Серхат Коксал, претседател на Банката за трговија и развој на Црното Море (БСТДБ); како и претставници на ТУРКПА, ПУИК, РСПЦ ЈИЕ и други партнерски организации.

На сесијата беше усвоена Заедничката изјава за ситуацијата во Газа и за поддршка на хуманитарна помош, со која се повикува на итно прекинување на непријателствата, заштита на цивилите и овозможување на хуманитарен пристап.

Исто така, официјално, претседателството со ПАБСЕК го презеде Грузија, каде што во текот на јуни 2026 година, ќе се одржи и следното 67. Генерално собрание. дма/вј/

Фото: Собрание

Остани поврзан