• недела, 22 декември 2024

OpenAI: Иран ја злоупотребил вештачката интелигенција за политички манипулации во САД

OpenAI: Иран ја злоупотребил вештачката интелигенција за политички манипулации во САД

Њујорк, 19 август 2024 (МИА) - Компанијата за вештачка интелигенција OpenAI (ОупенАИ) забрани група кориснички налози на ChatGPT, откако пронајде докази дека тие налози биле поврзани со иранска група која се обидувала да предизвика поделби меѓу американските гласачи. Откриени се статии и коментари на социјалните мрежи креирани со помош на ChatGPT.

Содржината не привлекла големо внимание, но се фокусирала на прашања кои предизвикуваат поделби, вклучувајќи ги претседателските избори во САД, војната на Израел во Газа и присуството на Израел на Олимписките игри. Генерираните материјали со помош на вештачката интелигенција биле насочени кон сите поголеми делови на американскиот политички спектар. Истражувањето откри дека долги статии генерирани од вештачка интелигенција биле објавувани на веб-страници кои се претставувале како медиумски куќи.

Блокираните кориснички сметки на англиски и шпански јазик барале од ChatGPT да преработи коментари кои веќе биле објавени од други корисници на социјалните медиуми. Политичката содржина била мешана со коментари за мода и убавина, веројатно со цел да изгледаат поавтентично или за да привлечат следбачи, соопштија од OpenAI.

Пред една недела, Microsoft Threat Analysis Center објави извештај кој покажува дека групи поврзани со иранската влада користеле различни онлајн тактики во обид да се вмешаат во претседателските избори во САД. Ден по објавувањето на извештајот, од кампањата на Доналд Трамп тврдеа дека биле хакирани и ги обвинија иранските актери за кражба на чувствителни интерни документи, но не приложија конкретни докази за тоа. Google Threat Analysis Group исто така откри и спречи операција на ирански хакери кои целеа кон кампањите на Доналд Трамп, Џо Бајден и Камала Харис. OpenAI соопшти дека налозите биле поврзани со тајна операција позната како Storm-2035. ссм/

фото: архива

Остани поврзан