• недела, 22 декември 2024

Oпштина Илинден и оваа година ќе доделува субвенции за инвертер клими или соларни панели

Oпштина Илинден и оваа година ќе доделува субвенции за инвертер клими или соларни панели

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - И оваа година Општина Илинден објави Јавен повик за субвенции за купување на инвертер клими или соларни панели. Јавниот повик е според Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2024 година која предвидува еднократна парична помош за набавка на инвертер клими или соларни панели на лица со постојано место на живеење на територија на општина Илинден, информираат од Општината.

Износот кој го доделува Општината како финансиска помош изнесува 50 отсто од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел односно до максимум 10.000,00 денари по производ.

Целта на повикот, како што истакнал градоначалникот Александар Георгиевски, е да се стимулираат граѓаните односно домаќинствата за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои, како што рекол, се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината.

Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнување. Право на учество на Јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во општина Илинден кој ќе купи инвертер клима или соларен панел од денот на објавување на јавниот повик од 27 мај 2024 година до 25 јуни 2024 година, односно се до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена.

За сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да се информираат директно во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб страница ilinden.gov.mk. сст/нд/

Фото: Општина Илинден

Остани поврзан