• недела, 22 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
12 декември 2020  Од нашето минато Од печалбарскиот живот на Битушани И сега шо ќа праеме? Се зноет нашето. Нов ден, нова нафака. Во Негритас ја преспавме ноќта на отворено, под едно големо дрво, надвор од гратчето и наредниот ден го продолживме патот кон Серес. За среќа наша во Серес и најдовме нашинците Мина Миноски и Ѓорѓета. Се израдвавме што по толку денови скитање се најдовме со наши луѓе. Ѓорѓе ни предложи да се здружиме заедно и заеднички да бараме работа не во Серес, како шо рече тој, токо по селата коде шо надницата била 80 драхми. Убаи пари за секого, а за нами и преголеми, бидејќи веќе немавме скршен грош. Ѓорѓе како стар грчки волк, имаше работано во Грција и порано, не поведе. Стигнавме во једно село. Застанавме пред една голема куќа заградена со огромни ѕидишќа и висока авлиска порта. Ѓорѓе ни рече: „Останате вие овде. Ја ќа појда да праша дали им требет некаква работа.“ Отиде затропа на портата. По некое време се отвори големата авлиска порта и се појави еден човек. Слушаме Ѓорѓе на некаков чуден јазик преговара со Гркот. Оддалеку гледаме Гркот клима со главата, Ѓорѓе му објаснуват мафтајќи со роците, ама мие не зноеме ни шо зборет, ни за шќо се договарает. Одеднуш Ѓорѓе од радос ја фрли капата во вис и вика: „Маркоооо, кога ти вела.“ И не изусти шо сакат да му кажет на Марка кога од авлијата излезе едно големо куче и му ја грабна капата. Ѓорѓе од жал по капата тргна со голи роци да се борет со кучето. А Гркот теја го гледат со задоволство. Се смејет ли смејет. Уште тогаш си реков овој човек не ќе да је добар човек. Нејсе се смири кучето, ама не и Ѓорѓе кој остана без капа. Тргнавме кон авлијата, а газдата без да се поздравет со нас, сигурно од гноса, бевме немиени и небричени, ненаспани, гладни и уморни од долгиот пот не однесе во една шупа покриена со врбови прочки. Седнавме на една дрвена клупа и Ѓорѓе ни рече дека газдата ќа ни дават убави надници, но не кажа какви и колку, и дека имат работа за нас, ама пак не ни кажа каква работа и ни рече ајде сега да се одмориме, а од утре ќа почнеме со работа. - А бре Ѓорѓе, гледаш дека умираме за јадење. Черевата ни свирет. Ќа ни дает ли нешќо да прокоснеме. – го прашува ја, а гледам дека за јадење се заинтересирани и другите. - Мајката, заборавив да го праша. - Појди, не да го прашаш, токо да му речеш да ни донесет нешќо за јадење. - А, јок. Никако не ода. Ми е стртав од кучено. Ќе остана и без пантолони – велет Ѓорѓе. И дур мије разговараме за јадењето, ете ти едно детишќе со леб под мишките и со едно калениче маслинки. Ни ги остави на земја. Мије прегладнети се нафрливме на лебот и маслинките. Од шо бев многу гладен ми се стори дека никогаш дотогаш не су јал посладок ручек. Косај леб, косај маслинка. Не гледа детишќето, за кое подоцна разбравме дека му било момок на газдата, како лакомо јадеме и на нашински не праша од коде сме и што бараме туе. Му кажавме дека сме од далеку и дека сме дојдени овде да работаме. А детето како дете ко шо го дал Господ ни кажа дека многу мајстори иделе во оваа куќа, ама дека ниту еден не останал поеќе од еден ден. Сите се погледнавме в очи. Ама мене ми падна чудно и договарањето Ѓорѓево, ќа имат работа, ќа имат убави надници и шо ти зном друго. Ова шо сега ни го кажа детето беше капак. Се залебивме шо се залебивме. устата ми беше ртуќ од маслинките и: „Овде за нас бериќет немат – рече стрико Марко. – Да ја стругнеме шо побрзо...“ И таке стана. Без никој да не приметет ја стругнавме. Уморни од долгото пешачење, ненаспани и гладни стигнавме во Драма. И прво појдовме во еден ан, кого заради нечистотијата и грдотијата го нареков „Тавтабити-ан“. Зедовме едно мало одајче. Грлата ни беја уште суви и ртуќ од маслинките шо ни беје основно јадење Токо бериќат Мино сетен, му и нашол Ѓерѓеве оревите скриени под лизглавје (перница) и ни дават на сите. Мино, ни викат: „Земајте јадите, таков је редот овде, дур имат ќа јадеме.“ А Ѓорѓе велет: „Немој мене не давај ми, ја има.“ Незноет дека се неговите. И кога и изедовне му велеме: „Ајде Ѓорѓе, сега редот је на твоите.“ И кога виде дека немат ни еден: „Леле – рече - ниеден не остаиле...“ Сите се изнасмеавме. И овде не не огреја сонце. Не најдовме работа. Сабајлето пред анот видовме една араба се спремат за на пот. Го прашавме арабаџијата во кој правец путује. Ни кажа дека оди за Шери-Шабан. Навикнати стално да ги мењаме местата без многу размислување и зедовне плачките плативме шо плативме во анот и правец кон новото непознато место. Заминаа поеќе денои од нашето дојдување во Грција, а мије место работа одеме ли одеме. Од место до место, од село до село, од град до град. Немавме спечалено ни скршен грош, па често си велев што тиќа ќе је она, каков ќа бидет овај гурбетлак. Кога стигнавме во Шери-Шабан гледаме на једно место се собират многу народ. Гледаме убијен човек. „Бегајте, - им вела на моите другари – Овде не је за нами. Да не го коснеме подебелијот. Јабанџии сме.“ Побегнавме од гужвата. Во една стара куќа најдовме едно забаталено одајче. - Седите вие овде, - рече Марко – Ја и Угрин ќа шетаме низ местово да видиме шо како је, дали имат работа и да се распрашаме какви се гунлуците. Не помина сат, сат и пол време, се враќаат Марко и Угрин, а со себе ги носет и нашинците Пандила и Мирчета. И нашле во некој ан. Ни кажае дека овде имале убава работа. Тие со Русета од Ростуше, мојот баџанак, работале на една голема куќа. И ни предложије да се најдеме со Русета и како заедничка кумпанија да продолжиме со работа. Теке и бидна. Кога не виде Русе, инаку изненаден се зарадва. Се изгушивме и се спогодивме заеднички да работаме. Ѓунлукот вистина не беше 80 драхми како шо ни велее во Солун, токо 60 драхми, ама мојот баџо ни рече дека газдата е многу добар човек и дека по нешќо зноет и нашински. Згора на теја, ни кажа Русе, надвор од пазарот газдата им давал и јадење. Најнакрај по многуте скитања неизвесности и мизерии што и доживејавме во Грција, најдовме работа. И вистина како што ни рече Русе, работата беше убава. Тајфата се зголеми. Работата одеше добро. Почнавме да работаме својски. И теја не остана незабележано од газдата. Ни рече: „Наставите таке како што сте почнале, а ја зном трудот да ви го награда“. Со работата немавме никакви проблеми. Сите убаво се слагавме меѓу себе. Ни врвеше муабетот. Од лебот што ни остануваше секое сабајле правевме и јадевме попара со млака вода и сол. Се мењававме сите со ред. Еднуш се сеќава како сега, редот да ја згответ попарата му беше Пандилу Рустев. А тој, таков каков што го дал Господ мукаетчија и многу точен, попарата ја зготвил ушќе од вечер. Легнавме да спиеме. Уморни од работата заспавме како заклани. И Пандил заспал. Ама на штрек. И не зна шо се случи токо во ниедно време Пандил не будет сите: „Ајде станувајте. Попарата е готова...“ Гледа тешко се разбудивме сите. Очите никако да се отворат. А бре луѓе, сега само шо легнавме. Да не је некоја грешка.“ – викат Ѓорѓе. Без многу мислење станавме сите и ја искркавме попарата. Ама гледаме никако да се разденет. Дури тогаш видовме дека првите петли ушќе не се пејани. Ајде поново легнување и заспивање. А ја го фала Пандила: „Аферим, бре Пандиле. Ти си најдобриот попараџија. Теслим нека ти је и мојот ред. “ Сите се изнасмејавме и шо друго набрзина ја искркавме и другата попара. Од книгата „Копанка“ (Печалбарски запис на Трпе Фиданоски, подготвил Гале Фиданоски, Битуше 2010. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан