• петок, 22 ноември 2024

Состанок на Арапската лига во Каиро: Мора да ја запреме војната во Газа

Состанок на Арапската лига во Каиро: Мора да ја запреме војната во Газа

Каиро, 10 септември 2024 (МИА) - Во Каиро, главниот град на Египет, започна министерскиот состанок на Арапската лига, на кој ќе се разговара за израелската офанзива на Појасот Газа, јави Анадолија.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, во обраќањето до присутните повика на прекин на израелскиот напад врз палестинската енклава.

„Нема друг избор освен да се запре оваа војна“, додаде Геит.

На состанокот, со кој претседава Јемен, присуствуваат и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел, шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) Филип Лазарини и вишиот координатор на ОН за хуманитарни прашања и помош и реконструкција за Газа, Сигрид Кааг.

На состанокот ќе се разговара за начините за ставање крај на израелските напади во Газа и Западниот брег, како и за дипломатски и правни мерки за запирање на агресивната израелска политика насочена кон раселување на Палестинците од нивната земја.

Учесниците ќе разговараат и за ситуацијата во неколку арапски земји како Либија, Јемен, Судан и Сомалија и безбедноста на навигацијата и снабдувањето со енергија во регионот на Персискиот залив.

Најмалку 32 Палестинци загинаа во изминатиот ден во израелските напади во Појасот Газа, со што вкупниот број загинати од 7 октомври минатата година се зголеми на 41.020, соопшти денеска Министерството за здравство на Газа.

Во соопштението на Министерството се додава дека досега во израелските напади се повредени 94.925 лица.

Големи делови од Газа се во урнатини, а блокирана е и испораката на храна, чиста вода и лекови.

Израел беше обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан