Џианг: За 12 месеци 8.000 македонски државјани ја посетиле Кина, безвизниот режим ќе продолжи уште една година
- Имам целосна доверба во иднината на билатералните односи. Оваа доверба произлегува од огромната сила на долгогодишното традиционално пријателство. Со меѓучовечка размена која датира од далечното минато, нашите односи го надминаа тестот на времето и продолжуваат да растат. Кина е меѓу првите земји што ја признаа и воспоставија дипломатски односи со Македонија под нејзиното уставно име, рече нова амбасадорка на Народна Република Кина вом земјава, Џианг Сјаојен. амбасадорката Џианг Сјаојен.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Имам целосна доверба во иднината на билатералните односи. Оваа доверба произлегува од огромната сила на долгогодишното традиционално пријателство. Со меѓучовечка размена која датира од далечното минато, нашите односи го надминаа тестот на времето и продолжуваат да растат. Кина е меѓу првите земји што ја признаа и воспоставија дипломатски односи со Македонија под нејзиното уставно име, рече новата амбасадорка на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сјаојен.
На приемот по повод нејзиното стапување на должност, на кој меѓу бројните гости присуствуваа и вицепремиероте Љупчо Димовски и Иван Стоиљковиќ, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, министри и пратеници, таа подвлече дека оваа доверба произлегува од постоечките видливи придобивки и огромниот потенцијал за соработка.
- Економиите на Кина и Северна Македонија се многу комплементарни. Кина е третиот најголем трговски партнер на Северна Македонија и најголемиот трговски партнер надвор од Европа. Кинеските компании обезбедија над 2000 работни места и им помогнаа на локалните заедници. По завршувањето на проектот за експресниот пат Миладиновци-Штип, Sinohydro не штеди во напорите за автопатот помеѓу Кичево и Охрид, придонесувајќи за подобрување на поврзаноста. Staroon Europe Dooel извезува текстил за Македонија, а Goldwind го поддржува зелениот развој на Македонија со испораки на кинески турбини. Ова се само неколку примери, рече Џианг Сјаојен.
Кинеската амбасадорка се осврна и на потенцијалите за развој на туризмот за што потврда се, како што вели, речиси 8.000 остварени патувања во Кина на македонските граѓани за време на изминатите 12 месеци, откако Кина го укина визниот режим.
Кина продолжува да се отвора пошироко кон светот, вели амбасадорката Џианг и дополнително ќе ја продлабочи својата интеграција и поврзаност со светот, искористувајќи го својот нов развој да создаде глобални можности и да обезбеди придобивките од развојот да се распределуваат пошироко и пофер меѓу сите земји. Ваквиот раст на Кина, вели таа, ќе донесе повеќе можности и за Македонија, за што е потребно взаемен ангажман и зајакнување на меѓусебната почит.
- Треба да ја зајакнеме меѓусебната почит и доверба за нашите односи да бидат цврсти како Шар Планина. Претседателката Сиљановска-Давкова забележа дека нашето пријателство е вкоренето во меѓусебна почит, разбирање и споделени вредности. Кина ќе продолжи да го поддржува македонскиот суверенитет, територијален интегритет и национално достоинство, играјќи единствена улога во регионалните и меѓународните прашања. Веруваме дека македонската страна ќе продолжи да ги почитува основните интереси на Кина и да го почитува принципот „Една Кина“. Со тоа, не само што ја зајакнуваме суштинската политичка основа за нашите односи, туку и го заштитуваме меѓународниот поредок и правда, вели таа.
Според неа, треба да се продлабочи соработката што, како што рече, ќе помогне земјава да ја искористи својата географска локација на транспортен центар и туристичка дестинација. „Кина е подготвена да увезува повеќе македонски производи и охрабрува што повеќе кинески претпријатија тука да инвестираат, да ја прошират соработката во инфраструктурата, трговијата, зелениот развој, дигиталната економија, паметните технологии, е-трговијата и градењето капацитети“, рече меѓу другото амбасадорката.
Двете земји имаат богато историско и културно наследство. Во овој контекст најави дека следната година, кинеските уметнички ансамбли, вклучувајќи ја Сичуанската опера и Пекиншката академија за танц, ќе го посетат Скопје.
- Кина го продолжи безвизниот режим за македонските граѓани за уште една година и се надева дека Македонија ќе преземе дополнителни мерки за олеснување на двонасочното патување, потенцира амбасадорката Џианг изразувајќи подготвеност да работи на зацврстувањето и продлабочувањето на односите меѓу двете земји со уште поголем оптимизам и активност. вг/паг/
Фото: Амбасада на Народна Република Кина