• четврток, 21 ноември 2024

Џафери се сретна со членови на Европскиот Парламент: Изборите ќе го одредат правецот на движење на Северна Македонија

Џафери се сретна со членови на Европскиот Парламент: Изборите ќе го одредат правецот на движење на Северна Македонија

Скопје, 8 мај 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска во Владата се сретна со делегацијата на Европскиот парламент за набљудување на изборите.  

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата биле потенцирани сеопфатните чекори кои беа преземени за изборниот процес да се одржи на демократски, фер и транспарентен начин. Џафери истакнал дека првиот круг од претседателските избори, поминал во мирна и демократска атмосфера, и дека за вториот круг на претседателските и изборите за пратеници во Собранието, се преземени сите мерки за тие да поминат во иста таква атмосфера.
 
Техничкиот премиер Џафери, ги запознал присутните членови на Делегацијата на ЕП дека остварил координативни средби со ДИК, МВР и со Јавниот обвинител, чие непречено и ефикасно вршење на работата е од суштинска важност за изборниот процес.

Како што се наведува, соговорниците на средбата споделија став дека овие избори, нема само да определат кој ќе биде на власт во Северна Македонија, туку ќе ја одредат иднината и правецот на движење на државата.Тие истакнале дека Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија и конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.

Џафери на средбата истакнал дека, Владата е фокусирана на активностите за успешно реализирање и ја усвои ажурираната верзија на нацрт Реформската агенда, со мерки и чекори и истата е споделена со Европската комисија.

-На средбата беше истакнато дека, за Северна Македонија, е од големо значење да не бидат залудни постигнатите резултати од претходните години и во оваа насока, поддршката на про-европските сили во земјава е од голема важност, се посочува во соопштението. ев/са/

ФОТО: Влада 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан