• сабота, 14 февруари 2026

Ќура: Општина Струга ги презема сите мерки за откривање на причините за заматување на водата во изворот „Шум“ 

Ќура: Општина Струга ги презема сите мерки за откривање на причините за заматување на водата во изворот „Шум“ 

Струга, 13 февруари 2026 (МИА) - Општина Струга ги презема сите мерки за откривање на причините за заматување на водата во изворот „Шум“ од каде се снабдува градот и околните села со вода за пиење, изјави попладнево градоначалникот Менди Ќура.

Тој посочи дека е пријавено кај сите надлежни органи и оти се работи на терен за расчистување на околностите.

- Веруваме дека за некој ден водата ќе биде чиста и употреблива за пиење и користење. Се претпоставува дека заматеноста може да е од земјотрес или од лица кои работеле од 2020 година со копање во горниот дел на базенот, но не можам да потврдам со сигурност дека тоа е причината, изјави Ќура.

Градоначалникот информира дека дополнително приватна институција од Скопје, од понеделник ќе утврдува од каде се случува тој феномен. 

- Мислам дека треба да знаеме дека ова не е прв случај со заматување на водата. Нормално дека овој случај, овој феномен не дојде тек така, туку е поради слабо менаџирање, односно непревземање мерки кои се потребни за таква ситуација, од поранешните директори и власт, обвини Ќура.

На граѓаните им вети дека ќе одговараат сите инволвирани за таквата состојба која, според него, е резултат на несовесно управување со јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Водата од струшкиот водовод од неделата е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот „Шум“ и низ сите мерни места низ градот. Основното јавно обвинителство - Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби. сс/ев/

ФОТО: МИА Архива

Остани поврзан