• петок, 22 ноември 2024

Љутков во Кинотека: Нашето филмско наследство е многу значајно, ќе издвојуваме повеќе средства за негово одржување

Љутков во Кинотека: Нашето филмско наследство е многу значајно, ќе издвојуваме повеќе средства за негово одржување

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска ја посети Националната установа Кинотека на Северна Македонија, при што потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, и затоа треба да се одржува. Тој посочи дека оваа институција има намален буџет за 50 до 60 проценти, и најави зголемување на средствата од следната година.

-Денеска сум во Кинотека, тоа е најстарата институција за заштита на аудиовизуелните добра и за целото филмско наследство. Она што можев да го видам се депоата кои што ги имаме, изградени во 2009 година. Можев да видам колку е значајно нашето филмско наследство, колку се важни овие депоа и условите во кои одлучуваме за нашето филмско наследство, но и колку е важно да имаме средства за да може понатаму да се одржува. Во изминатите седум години, буџетот на оваа институција или средствата кои што се одвојуваат се намалени за 50 до 60 проценти. Ќе преземеме мерки и активности каде што ќе можеме од 2025 година полека да го зголемуваме буџетот, рече Љутков.

Љутков потсети дека Кинотеката во 2009 година беше меѓу водечките европски филмски архиви обезбедувајќи климатизирани депоа по меѓународни стандарди за чување на македонското филмско наследство, а во 2011 година беше меѓу првите европски филмски архиви од регионот коишто започнаа со реализација на долгорочниот проект за дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство.

В.д. директорот на оваа установа, Бошко Грујоски, по средбата со министерот Љутков, изјави дека во изминатите три месеци е завршена реставрацијата на дигиталната копија од краткиот игран филм „Писмо“, во режија на Васил Христов.

Тој информираше дека заврши и скенирањето на филмската копија на филмот „Мис Стон“, во режија на Жика Митровиќ, по што следува дигитална реставрација на овој игран филм. Како што рече, закажана е премиера на дигитално реставрираната копија на овој филм за 20 декември во Кинотека.

-Во 2025 година следува дигитална реставрација на наслови од „златното време“ на македонскиот анимиран филм, како и дигитална реставрација на играниот филм „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов. Во однос на издавачката дејност, до крајот на годината треба да излезе од печат и книгата на Милчо Манчевски, едно големо животно интервју, кое што се работеше изминативе неколку месеци и кое што треба да биде некаде на почетокот на декември промовирано од наша страна, рече Грујоски.

Во фоајето на Кинотеката, Љутков за време на посетата ги разгледа и фотографиите кои даваат приказ како изгледал пред три месеци и како изгледа сега споменикот на културата „Хавзи-пашини конаци“ во селото Бардовци, кој во изминатите години, како што рече, целосно бил заборавен.

При посетата од институцијата посочија дека овие три месеци е расчистен просторот пред депоата во Хавзи-пашините конаци каде што се чува фондот од светската продукција на 35-милиметарски филмови, со што е зголемена безбедноста на објектот и пристапот до зградата во која се чува дел од националното филмско наследство е непречен. Направена е интервенција на водоводната мрежа во Хавзи-пашините конаци и се презедоа мерки за санација на проблемот за да се спречи поголема штета.

На средбата помеѓу Љутков и раководството на Кинотеката се зборело и за јубилејот 50 години од започнувањето на нејзината значајна културна активност, кој ќе се прослави во 2026 година.

В. д. директорот Грујоски информираше дека вработените во оваа институција работат и на монографија за Кинотеката по повод прославата на 50-годишнината, а во наредниот период ќе се договорат сите филмски програми, гостувања, изложби и настани за одбележување на годишнината, со цел да се обезбеди пригодна програма во текот на целата јубилејна година.бт/аа/

Фото: МИА, Министерство за култура и туризам

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан