• петок, 05 декември 2025

ЈП „Чистота и Зеленило“ ќе ги чисти улиците од снег во Куманово

ЈП „Чистота и Зеленило“ ќе ги чисти улиците од снег во Куманово

Куманово, 24 ноември 2025 (МИА) - Куманово нема да ангажира приватна компанија за расчистување на улиците од снег, сите активности ќе ги извршува јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, соопшти денеска претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Предлог точката ќе ја разгледуваат советниците на наредната седница на советот, кои ќе одлучуваат да одвојат дополнителни средства на претпријатието за оваа намена во вредност од пет милиони денари. Со претходно одобрените средства, целокупната програма за зимско одржување на сообраќајниците ќе изнесува 13 милиони денари.

– Се проширува програмата со дополнителни дваесет улици во Куманово. „Чистота и зеленило“ се спремни и имаат набавено сол, средства за одмрзнување, во оптек се три камиона кои претходно беа доделени на трајно користење од страна на Општина Куманово, претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Според неа, претпријатието може да ја реализира програмата со оглед на претходно набавената механизација. Во програмата предвидено е чистење на снег од двата плоштада и паркинг простори пред институциите и установите доколку висина на снег не надминува 12 сантиметри, пробивање на патеки пред пешачки премини, како и чистење на снег од автобуски постројки.

Општината изминативе години распишуваше тендер за зимско одржување, каде покрај јавното претпријатие, учествуваше и приватна фирма која обично чистеше во руралните делови од градот. ам/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан