• недела, 22 декември 2024

ЈП, институциите и општините да преземат мерки за штедење струја, порача Ковачевски

ЈП, институциите и општините да преземат мерки за штедење струја, порача Ковачевски
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Треба да се направи анализа дали јавни претпријатија имаат потреба од сите вработени во моментов или дел од нив би можеле да бидат пратени на одмор со цел да се заштеди енергија, најави вечерва премиерот Димитар Ковачевски. - Има јавни претпријатија во која има голем број на вработени. Тие треба да направат анализа дали имаат потреба од сите луѓе во секое време или дел од нив може да одат на одмор, со цел да се заштеди енергија, изјави премиерот Ковачевски во интервју за ТВ 24. Тој потсети дека Владата донесе одлука и им наложи на јавните претпријатија и државните институции и агенции да ги намалат трошоците. - Ќе се прави и ревизија на менаџерските договори на јавните претпријатија, бидејќи забележавме многу големи суми, особено кај претпријатија кои прават загуби, рече Ковачевски. Премиерот додаде дека покрај јавните претпријатија и општините ќе мора да го прилагодат начинот на работа и да ги намалат трошоците заради справување со последиците од кризата. - Ние бевме сведоци дека локална власта во Скопје меѓу себе се обвинуваше дека непотребно вработиле 100 луѓе на договор за дело. Сто луѓе, по трошок од 1.000 евра значи нето плата, плус придонеси, плус книговодствени услуги, одржување електрична енергија која што ја користат и други трошоци кои што ги прават, значи тоа се 1000 евра на пример земено во просек, по 100 луѓе се 100 илјади евра. А 100 илјади евра не е висината на сметката за електрична енергија. Така што ќе мора и локалните јавни претпријатија и локални самоуправи да функционираат на начин кој што е согласен со најдобрите менаџмент пракси во услови на криза. Меѓутоа и да не е криза треба така да се однесуваме, рече Ковачевски. Премиерот порача дека како дел од последниот пакет мерки на регулираниот пазар на електрична енергија ќе се префрлат и објектите на сите основни и средни училишта, но и дел од јавните претпријатија за водоснабдување, со цел нивната работа да не биде доведена во прашање во претстојните месеци. сп/

Остани поврзан