• недела, 22 декември 2024

Јохансен: Работиме на тоа да се намалат трошоците што луѓето од свој џеб ги плаќаат за здравствени услуги

Јохансен: Работиме на тоа да се намалат трошоците што луѓето од свој џеб ги плаќаат за здравствени услуги

Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Здравството има остварено голем напредок во периодот на мојот престој тука. Покриеноста со здравствено осигурување е речиси целосна, универзална. Работиме исто така, бидејќи има уште простор за подобрување, да се намалат трошоците што луѓето од свој џеб ги плаќаат за здравствени услуги, особено работиме на примарното здравство, зашто Владата го усвои Законот што овозможува подобар пристап до примарното здравство. Вака денеска одговори специјалната претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) за Северна Македонија, Ане Јохансен на новинарско прашање како го оценува јавното здравство во државава.

Таа имаше свој говор на денешниот настан во Скопје по повод одбележување Светскиот ден на здравјето - 7 април, во организација на Македонското лекарско друштво.

- Исто така работиме и на човечките ресурси, затоа што тоа е од исклучителна важност. Без човечки ресурси, без лекари и медицински сестри, не би можел да постои здравствен систем. Соработуваме и со други земји, со Словенија на пример, на еден проект за зајакнување на сестринството, затоа што тие би можеле да даваат многу поширок спектар на услуги, од овој што сега го даваат, додаде Јохансен.

Таа рече оти сака и да истакне ризици, како на пример пушењето, за кое кажа оти е најголем причинител за предвремена смртност во земјава.

- Направивме истражување и тоа покажа дека половина од населението се консументи на тутун и на тутунски, никотински производи. Исто така, на последиците од консумирањето тутун отпаѓаат девет проценти од намалувањето на БДП во земјата, така што и економијата со ова губи огромни износи финансиски средства, што инаку би можеле да се употребат и од што би можеле да имаат полза сите во општеството, подвлече Јохансен.

Како што нагласи, многу е важен и пристапот до лекови за хроничните болести.

- За тоа треба да се погрижиме да има доволно финансирање од Министерството за финансии за да се покријат овие лекови, истакна Јохансен.

Претседател на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров потсети дека друштвото е формирано во 1945 година и на сите медицински работници им го честиташе интернационалниот ден на здравјето, што се слави од 1950 година.

Тој порача оти сака сите кои учат да станат здравствени работници да останат во државава зашто одливот на лекари е голем. Димитров додаде дека посакува на сите тие да им се создадат услови за добра работа, специјализации, вработување и за пријатен живот тука.

На прашање колку е зголемен одливот на кадар пред се, во јавното здравство, тој информираше дека од јавното здравство од 200 до 250 лекари годишно заминуваат во странство. Бројката варирала. Бројката во почетокот на 20. век од 60-тина лекари, во 90-тите имало пораст на 18 000, а сега се движела меѓу 6-7000 лекари кои, како што нагласи, медицински доктори, без стоматолози и фармацевти.

Според него, за да се задржи кадарот треба да се направи добра регионализација, да им се обезбедат подобри услови за специјализација, напредување, брзо вработување, на некој начин со стипендии уште додека учат студентите по медицина и секако, да се почитуваат  желбите за напредувањето или за визијата кои ја имаат младите за тука.

Заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева кажа дека треба да се соочиме со проблемот со одливот не само на лекари, туку на сите здравстве и работници, а со кој се соочуваат сите држави. Во изминатиот период, посочи, интервениравме во однос на она што значи примарен услов, но не и единствен, за останување на здравствените работници за работа во нашата земја.

- Тоа е зголемувањето на платите, со што ќе продолжиме и во наредниот период по завршување на изборите. Затоа што сметаме дека трудот на сите здравствени работници треба да се вреднува соодветно. Втората работа, што сметам дека е многу важна за останување на нашите пред се лекари во нашата земја, е навременото брзо упатување на специјализација, подвлече Манолева.

Таа одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека од 2006 до 2016 на специјализација се упатени не повеќе од 700 лекари. За разлика од периодот од 2017 до 2023, каде што имало упатено на специјализација 1 300 лекари, истакна, тоа е речиси двојно зголемување на бројот на специјализации, дополнително и на супспецијализации.

- Дополнително на тоа, вложувањето во инфраструктура во јавните здравствени установи ќе биде уште еден мотив и е уште еден мотив за останување на младите лекари тука, во нашата земја. Освен во инфраструктура и во најмодерна и најсофистицирана опрема, што им овозможува да светските методи, што се работат некаде надвор во светот, се работат и овде во нашата земја, додаде Манолева.

Леонид Рене Томас Караџинов, избран за најдобар студент на генерацијата минатата година, во изјава за медиуми кажа дека сега работи во Единицата за итна медицинска помош, како дел од шестмесечната пракса што е задолжителна, како услов за да се добие специјализација. Досега е презадоволен од искуството и засега, во план му е да остане во државава и да се бори со здруженија „чекор по чекор“ за подобри услови.

На новинарско прашање што е клучно за да се задржат младите здравствени работници во државава, тој одговори дека клучно е да се има сигурност, односно лична сигурност.

- Да знаеме дека зад нас стои некоја безбедност. Дали во однос на пациентите, некои незгодни ситуации, но, особено финансиската сигурност е многу важна, како што кажа и заменик-министерката, покачување на платите. Прво безбедносната сигурност и финансиската сигурност е тоа клучното што ќе не задржи тука да останеме, дециден беше Караџинов.

Манолева изрази задоволство што Република Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што официјално го усвои Националниот акциски план за здравствена безбедност, во соработка со СЗО, „што е важен чекор напред во зајакнување на нашата посветеност за заштита на здравјето и благосостојбата на нашите граѓани“.

- Во насока на продолжување на успешната соработка со Светската здравствена организација, вчера беше потпишан и двогодишниот договор за соработка меѓу Министерството за здравство и СЗО за 2024 – 2025 година. Посебно сме фокусирани на зајакнување на превенцијата и рано откривање на заболувањата - тука би го споменала успешното спроведување на скрининзите за рано откривање карцином на дојка и на грло на матка. Во рамки на Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања од годинава почнуваме и со активности за организирана скрининг колоноскопија, со идентификување на пациентите со просечен ризик за колоректален карцином на возраст од 50 до 75 години. Исто така, организираме бесплатен скрининг за две илјади пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување, посочи Манолева.

Таа истакна дека актуелен предизвик со кој се соочуваат е зголемување на опфатот со вакцинација и за „таа цел заедно со фелата, деновиве потпишале заедничка Декларација за поддршка на вакцинацијата, со цел зајакнување на институционалната поддршка на процесот на вакцинација и континуирано спроведување заеднички активности за нејзина промоција“.

Манолева,меѓу останатото, потсети дека минатата година се воведени шест нови лекови за ретки болести и оти годинава се воведуваат уште четири нови лека. Изминатиот период е иницирано двојно зголемување на буџетот за набавка, а потпишан е договор за формирање нов Ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Меѓу позначајните инвестиции изминатата година се и отворањето нов дијагностички центар на Клиниката за пулмологија, реновирана хируршка сала на Универзитетската клиника за ортопедски болести, отворен оддел за онкологија и реновиран одделот за радиологија во тетовската болница, а пуштена е во употреба и комплетно нова поликлиника во Сарај. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан