• четврток, 21 ноември 2024

Јордан Плевнеш добитник на највисокото општинско признание на Охрид

Јордан Плевнеш добитник на највисокото општинско признание на Охрид

Охрид, 5 декември 2023 (МИА) – Поетот, драматургот и романсиерот, амбасадорот Јордан Плевнеш, е годинешниот добитник на највисокото признание што го доделува Општина Охрид - наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“.

Членовите на Стручната комисија едногласно  ја донеле таквата одлука, имајќи ја предвид импозантната биографија на проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во областа на драматургијата и неговата афирмација на Охрид и Република Македонија насекаде во Светот.

„Земајќи го предвид предлогот на Стручната комисија и општопознатите факти за неговата голема високовредносна и величествена идеја за Охридската академија на хуманизмот, со востановување на Охтидската Светиклиментова Светска награда за хуманизмот со која досега беа овенчани седумнаесет светски хуманисти – великани во своите професионални сфери, на Охрид му се даде уште една историска улога во неговата осум милениумска предисторија и историја. Наградата за хуманизам го осмислува Охрид од длабокото возбудливо историско минато, преку фактот дека Охрид во денешнината станува хуманистичко-филозофски стожерник, а аналогно на тоа Јордан Плевнеш е еден од најзаслужните такви стожери и неговите врвни долгогодишни остварувања кои се од особено значење и имаат голем придонес во развојот напредокот и севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и светот“, посочува градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој ја потврди одлуката на Комисијата.

Јордан Плевнеш e роден на 29-ти октомври 1953 година во селото Слоештица, Демирхисарско. Основно училиште заврши во Демирхисарско, средно во Битола, а факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрира на Филолошкиот факултет, на тема „Македонската народна драма“. Карактеристично за него е да се каже и тоа дека во текот на 1973 и 1974 година работеше како метач на гробиштата „Пер Лашез“ во Париз и со еден патувачки театар на илузионисти ја пропатува Европа, што несомнено говори за неговиот нескротлив дух. Од 1975 година беше уредник на културната рубрика во „Студентски збор“. Од 1980 до 1985 година беше уредник во Издавачката куќа „Мисла“. Исто така значајно е да се истакне дека од 1985-1988 година работеше и како асистент на Институтот за литература при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а член е на ДПМ од 1982 година, како и на Македонскиот ПЕН центар. Предава креативно пишување на повеќе европски и американски универзитети, како на пример: Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз, Универзитетот Оресе во Париз, Универзитетот на Тексас во Далас, Универзитетот Јеил. Од декември 2000 година па сè до 2005 година беше амбасадор на Република Македонија во Франција, Шпанија, Португалија и при УНЕСКО. Од 2005 година е потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО од Париз, Република Франција, за дијалог меѓу цивилизациите, а од октомври 2008 година е ректор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности при ESRA – Европската филмска академија „Скопје-Париз-Њујорк“.

Во однос на неговото творештво карактеристично е тоа што неговите дела се објавувани во педесетина земји во светот, преведувани на повеќе од петнаесетина јазици, а неговите драми изведувани во над триесетина земји во светот. Тој пишува на македонски и француски јазик, а преведува од српскохрватски, грчки и француски јазик. Негова прва книга е „Теорија на отровот“ (збирка поезија, 1980), по што следуваат: „Еригон“ (драма, 1980), „Мацедонише цуштенде“ (драма, 1984), „Југословенска антитеза“ (драма, 1987), „Р“ (драма, 1987), „Бесовскиот Дионис“ (студија, 1989), „Драми“ (1996), „Подземна република“ (драма, 1991), „Безбог“ (драма, 1991), „Среќата е нова идеја во Европа“ (драма, 1998), „Јустинијан први“ (монодрамски спев, 2001), „Последниот ден на Мисирков“ (пиеса, 2003), „Осмото светско чудо“ (неговиот прв роман, 2005). Добитник е на следните награди: во „Студентски збор“ за дебитантска книга, награда за најдобар југословенски драмски текст на XIII МЕСС во Сараево, вонредна награда на „Стерино позорје“ Нови Сад, за драмата „Подземна република“ изведена од Битолскиот театар, високата награда на Националниот центар за книжевност на Република Франција за драмата „Среќата е нова идеја во Европа“, добитник е на интернационалната награда на франкофонијата „Сребрен јасмин“, во 2004 година, за целокупното негово творештво, а во 2008 година, на отворањето на првиот Фестивал на француски филм во Охрид, амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Бернар Валеро, во името на претседателот на Франција, Никола Саркози, му ја врачи високата француска награда „Витез на книжевностите и уметностите“. Добитник е и на многу други награди и меѓународни книжевни признанија.

Добитници на повелбaта „Патрон на градот - Св. Климент Охридски“ за оваа година се манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, постхумно неодамна починатата спикерка на Радио Охрид, Леонора Чекреџи и младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска.

Наградата и Повелбите на добитниците ќе им бидат врачени на Свечената академија што по повод празникот „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи во четврток, 7 декември 2023 година, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19:30 часот. аб/са/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан