• петок, 05 декември 2025

Јовановски: Кичево заслужува чесен и трудољубив градоначалник

Јовановски: Кичево заслужува чесен и трудољубив градоначалник

Скопје, 28 октомври 2025 (МИА) - Кичево заслужува за градоначалник да има чесен и трудољубив човек, кој ќе се жртвува за својот град, истакна Александар Јовановски, кандидатот за градоначалник на општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот мини-митинг во Кичево во рамките на изборната кампања за вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат 2 ноември.

Во своето обраќање Јовановски се заблагодари за присуството на граѓаните, и потенцираше дека кампањата која се водела за локалните избори во општина Кичево, била исклучиво позитивна.

-Ви благодарам на присуството, ви благодарам на поддршката, самата ваша бројка доволно говори. Целата кампања ни се засноваше на позитивна енергија, целата кампања зрачи и ќе продолжи да зрачи после големата победа само со позитивна енергија, ќе продолжи да зрачи со надеж и среќа за сите. Сите оние коишто не веруваат, сите оние коишто се уште се двоумат, сите оние кои мислат дека не е можно да оствариме победа, нека размислат уште еднаш, рече Јовановски.

Кичево, како што потенцираше Јовановски, заслужува за градоначалник да има чесен и трудољубив човек, кој ќе се жртвува за својот град. 

-Верувајте, заслуживме да имаме чесен човек, трудољубив човек и човек  којшто ќе се жртвува за овој град, а тој човек сум јас почитувани. Сакам да изразам особена благодарност до припадниците на сите политички партии во нашиот град, без разлика на кој етникум припаѓаат, без разлика на која идеологија припаѓаат, има луѓе кои увидоа со што се соочуваме, за жал сите вие сте сведоци на што се, се изнагледавме изминативе денови, какви снимки изнаслушавме и какви видеа видовме, ние како граѓани не го заслужуваме. Дојдете на 2 ноември на истото ова место, ќе славиме заедно, истакна Јовановски. дма/ев/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан