• недела, 22 декември 2024

Јовановиќ: Во „Сонот на Аурора“ сакав да ја истражувам колективната состојба на несвесното во време на современа криза

Јовановиќ: Во „Сонот на Аурора“ сакав да ја истражувам колективната состојба на несвесното во време на современа криза

Битола, 25 септември 2023 (МИА) - Сакав да ја истражувам колективната состојба на несвесното кај луѓето во време на современа криза. Верувам дека несвесното е најавтентичниот дел од нас, кој не можеме да го контролираме, порача денеска Драгана Јовановиќ, режисерка на српскиот документарен филм „Сонот на Аурора“. Проекција на филмот се одржа синоќа во рамки на документарната програма на Фестивалот „Браќа Манаки“, во киното „Манаки“ во Битола.

Со оглед на тоа што станува збор за документарен филм, Јовановиќ на денешната прес-конференција посочи дека ги прашувала луѓето кои би сакале да учествуваат во ваков проект.

Како што јави известувачот за МИА од Битола, Јовановиќ потенцираше дека најголем мотив за создавање на филмот се заспаните тела, односно целта е да се разработи чудната фасцинација со заспаните тела, кои од секогаш се предмет на класичната уметност.

-Станува збор за заборавена, занемарена природа, но и за занемарената душевна состојба или психа, бидејќи многу често тие потиснати чувства се манифестираат преку соништа. Потоа останува на нас дали ќе преземеме некаква акција или дополнително ќе ги потиснеме тие чувства, рече Јовановиќ.

Во рамките на Фестивалот „Браќа Манаки“, синоќа се одржа и проекција на краткиот филм „Солзите на нештата“. 

Кинематограферот на овој филм Виктор Мас, на денешната прес-конференција во Битола, посочи дека во „Солзите на нештата“ се обработува тема за една врска која што пропаѓа, а главното чувство во филмот е чувството на стаписаност. Филмот е во режија на Кејт Воет.

-Филмот говори за врска што пропаѓа или се распаѓа, врска која што запрела. Знаеме дека денес се применуваат поинакви начини на кадрирање, со многу побрзи резови во монтажата, но нашата цел беше сосема обратна. Сакавме со композицијата, со кадрирањето да го прикажеме чувството на заглавеност, на здрвеност, момент кога не знаете како ќе продолжите, да се долови моментот на нешто што завршува, рече Мас.

Тој додаде дека во однос на дијалогот, интересно е тоа што главниот женски лик во филмот зборува на бугарски јазик, а машкиот лик на полски, додека нивниот заеднички јазик е француски.

-Тоа е ситуација која е навистина честа во Белгија и се обидовме и покрај различните јазици да го прикажеме тоа општо чувство на стаписаност. Мислевме дека личното искуство најдобро може да се прикаже преку сопствените јазици и тоа губење на комуникацијата меѓу двата лика ќе се покаже најдобор кога секој го зборува сопствениот јазик, а не успеваат да искомуницираат, и на тој начин ќе се прикаже дистанцата меѓу нив, појасни Мас.

На годинешната програма на Фестивалот „Браќа Манки“ се повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми.

Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.

Фестивалот ќе се одржува во Битола до 29 септември.бт/лв/

Фото/МИА

 

Остани поврзан