• петок, 22 ноември 2024

Јермак: Трамп да ја следи политиката на Реган и да ја поддржи Украина, бидејќи Русија подготвува голема пролетна офанзива

Јермак: Трамп да ја следи политиката на Реган и да ја поддржи Украина, бидејќи Русија подготвува голема пролетна офанзива

Киев, 5 април 2024 (МИА) - Американските републиканци и нивниот претседателски кандидат Доналд Трамп мора да имаат на ум дека тие се партија на (поранешниот американски претседател) Роналд Реган и дека треба да поддржат Украина во време кога руските сили се подготвуваат за голема офанзива во мај или јуни, рече Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој во интервју за Политико рече дека не е загрижен поради фактот што Трамп би можел да биде реизбран за претседател на САД и дека верува дека пакетот помош од 60 милијарди долари за Украина на крајот ќе биде усвоен во Претставничкиот дом под контрола на републиканците, каде што со месеци е блокиран од конгресмените лојални на Трамп.

Јермак додаде дека не верува оти републиканците можат да ги заборават двата мандата на нивниот американски претседател Роналд Реган и неговата, како што рече, „кампања на Студената војна против злобната империја на Москва“. Јермак, кој разговараше со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан пред интервјуто, рече дека не е сигурен кога ќе биде одобрена новата американска помош, но нагласи дека тоа мора да биде наскоро.

Во меѓувреме, тоа не чини животи, а јас силно верувам дека ќе биде усвоена овој месец бидејќи Украина се приближува до критичен момент“, рече украинскиот претставник.

Јермак додаде дека руските насилни напади врз Украина во изминатите три недели се дел од подготовките за голема руска офанзива, истакнувајќи дека очекува главна цел на нападот да биде североисточниот град Харков, вториот по големина град во Украина.

„Знаеме дека Путин подготвува нов бран на мобилизација и пресметавме дека новите големи руски операции би можеле да започнат на крајот на мај или на почетокот на јуни. Секако дека мораме да бидеме подготвени за тоа“, изјави Јермак.

Тој додаде дека на Киев „критично му требаат“ дополнителни системи за противвоздушна одбрана и повеќе ракети земја-воздух „Патриот“ за одбрана на фронтот.

На прашањето дали Украина ќе ги послуша американските молби да избегне напади врз руските нафтени постројки, Јермак избегна директен одговор и рече: „Украина мора да се одмазди за она што ни го прават Русите. Мораме да ја уништиме нивната витална инфраструктура бидејќи единствениот јазик што го разбираат е силата“.

Во интервју за Вашингтон пост минатата недела, Зеленски рече дека нападите врз руската енергетска инфраструктура се легитимна воена стратегија. паг/

Фото: МИА архива



 

 

Остани поврзан