• четврток, 05 декември 2024

Јаневска: Резултатите од ТИМСС-тестирањето се лоши и се доказ дека се потребни промени во образованието

Јаневска: Резултатите од ТИМСС-тестирањето се лоши и се доказ дека се потребни промени во образованието

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) – За жал, ова не е новост, резултатите се лоши. Не можам да кажам дека се неочекувани, но се доказ дека се потребни промени во се што го опфаќа образовниот систем, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска за резултатите од ТИМСС-тестирањето што денеска ги соопшти МОН.

Како што рече, пред пет месеци се почнати промени од кои треба да произлезат подобри резултати на меѓународните тестирања.

-Промените во образованието не се ни лесни ни брзи. Но, почнати се и се надевам дека во еден разумен временски период ќе ги дадат и своите резултати, изјави Јаневска денеска во Ректоратот на УКИМ каде што учествуваше на конференција „Подобро образование за посилен раст“.

МОН денеска информираше дека ТИМСС-тестирањето „покажа дека се потребни крупни промени во образованието за да можат учениците да ги подобрат знаењата“.

Според резултатите од меѓународно ТИМСС-тестирање на ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик, во математичка писменост нашите ученици се на 44 место од 58 држави, а во природни науки на 47 место. ТИМСС-тестирањето беше спроведено  во 2023 година по електронски пат. 

На новинарско прашање кога ќе продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, министерката одговори дека тоа се очекува пред крајот на 2025 година.

-Затоа што треба многу подготвителни активности за да може да почне изградбата односно да се објави јавниот повик, додаде Јаневска. 

Во однос на претходниот раководител на студентскиот дом „Пелагонија“ и дали против него ќе има обвинение, министерката одговори дека ако се утврди дека има зошто да се поведе постапка, „ќе бидат спроведени сите соодветни процедури и ќе бидат доставени наодите до соодветните институции“. хс/ев/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан