• среда, 24 април 2024

Јакимовски од Струга: Да престане нечесното играње кон Македонците 

Јакимовски од Струга: Да престане нечесното играње кон Македонците 

Струга, 17 април 2024 (МИА) - Да престане со нечесното играње кон Македонците и да престане да се третираат како монета за поткусурување, порача од Струга претседателскиот кандидат на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Тој забележа дека „лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски го лаже народот во врска со промената на Уставот, односно дека ќе поддржи промена со одложено дејство на важење кога ќе влеземе во Европската унија“.

- И практично кога ги анализираме двете главни политички партии СДСМ е спремен да предаде и тоа веднаш и не се крие за предавството, меѓутоа проблемот кај ВМРО - ДПМНЕ е што сакаат тоа да го скријат од народот, односно да го излажат народот и да дојдат да го направат тоа предавство по завршувањето на парламентарните избори, рече Јакимовски.

Според него, на овие избори македонското гласачко тело треба да одлучи да не гласа за оној што е подготвен да ги предаде, како што рече, да го отвори Уставот, потоа во Уставот да се бира претседател во Парламентот, практично да биде претседателот резултат на уцени и партиско политички пазарења. 

- Исто така да се направи граѓански устав, со кој ние Македонците од единственото место каде што постои во некој документ, а тоа е Уставот на Република Македонија, ќе бидеме избришани и каде што практично ќе се прифатат сите оние барања на бугарската држава, а тоа дека сме нација од 1944 година, дека нашиот јазик е бугарски и дека нашите историски личности се по род Бугари. Токму затоа мислам дека на овие избори ваквите партии треба да бидат казнети, граѓаните треба да донесат вистинска одлука, односно да дадат поддршка на оние што ќе ги штитат националните интереси особено на Македонците во Република Македонија, истакна Јакимовски.

Доколку ја добие довербата на граѓаните, на стружани им вети поддршка во развој на туризмот, изградба на хотели со пет ѕвезди и спа центри, односно ќе има квалитетна туристичка понуда, како и изградба на автопатот Кичево - Охрид.

- Тито ги градеше патиштата со лопата и со копач и се завршуваа за три четири години со работни акции, а ова е навистина срамота. Незнам како доаѓаат повторно да бараат доверба од гласачите на Струга, Охрид, Кичево, сегде во Република Македонија. Десет години не можат да изградат автопат за Струга и за Охрид, рече Јакимовски.

Тоа, смета дека влијае негативно за развојот на туризмот на струшко - охридскиот регион, посочувајќи дека е потребна изградба и на автопат од Свети Стефан до Свети Наум, тунел под Галичица, мастер план за Галичица за развој на туризмот... сс/лв/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан