• петок, 22 ноември 2024

Јавно обвинителство: Осуммина обвинети признаа вина за предметот под кодно име „Багер“

Јавно обвинителство: Осуммина обвинети признаа вина за предметот под кодно име „Багер“

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) - На првото одржано рочиште за предметот под кодно име „Багер“ осуммина обвинети кои извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство, ​ги признаа делата за кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јуни годинава поднесе Обвинителен акт, соопштија попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

- Според опишаните дејствија во диспозитивот на Обвинителниот акт, сите обвинети сториле кривично дело Злосторничко здружување, а првообвинетиот С.Џ. (47) врз основа на признание дека ги сторил и кривичните дела Прикривање, Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи е осуден на единствена казна затвор во траење од 5 години и 2 месеци, појаснуваат во денешното соопштение од ЈО.

Четворицата обвинети М.С.(42), Г.К.(45),И.С.(48),и М.Џ.(37), освен кривичното дело Злосторничко здружување, информираат од Обвинителството, признале дека сториле и кривично дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за што судот им изрече алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од две години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

- Д.Р.(36) кој беше обвинет и за кривичното дело Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, врз основа на признание на вина судот му изрече единствена казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци. Т.А.(58) покрај кривичните дела Злосторничко здружување и Прикривање, го призна и кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за кои му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 8 месеци, соопштија од Јавното обвинителство.

Најмладиот Р.З.(28) признал дека е сторител на кривичните дела злосторничко здружување, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости и изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, за што му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 2 месеци.

За останатите тројца обвинети, соопштија од ЈО, судењето е во тек. цр/аа/

Фото:МИА архива

Остани поврзан