• недела, 22 декември 2024

Јавните обвинители на одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата

Јавните обвинители на одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - На Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, нагласи дека конфискацијата на незаконски стекнатиот имот е клучна за да се покаже дека криминалот е неисплатлив, додека, јавниот обвинител Елвин Вели истакна дека борбата против корупцијата бара целосна општествена акција и мобилизација.

Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, на предавањето што Бубевски го одржал пред студентите на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, фокусот бил на организациската поставеност на Јавното обвинителство и улогата на јавните обвинители во борбата против корупцијата.

Притоа, тој ја нагласил улогата на обвинителството и соработката со останатите институции за ефикасен кривичен прогон на сторителите на коруптивни кривични дела, и ги појаснил и сите фази од кривичната постапка неопходни за да се дојде до правосилна судска пресуда.

Како еден од клучните предизвици за следниот период обвинителот Бубевски ја истакнал примената на инструментите за конфискација на незаконски стекнатиот имот.

-Затворската казна не е доволна. Таа може да влее страв кај сторителите на кривични дела, но преку конфискацијата и одземањето на незаконскиот имот ние мора да им покажеме дека криминалот е неисплатлив, рече Бубевски пред студентите.

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Елвин Вели, претседател на Здружението на јавните обвинители, зборувал на панел-дискусијата за клучните активности и предизвици за градење на систем отпорен на корупцијата.

- Навистина посветено работиме на унапредување на соработката со сите органи на правосудната полиција, но и на останатите институции кои се наши сојузници во борбата против корупцијата – ДКСК, Државниот завод за ревизија, медиумите, граѓаните. Се јакнат капацитетите на истражните центри и тоа најмногу благодарение на донации од меѓународните партнери, кои ја препознаваат важноста на борбата против корупцијата. Се зголемува бројот на финансиски истраги, посочил тој.

Она што е клучно, како што дополнил, е дека борбата против корупцијата не може да биде одговорност на една институција или на еден поединец.

-Таа мора да е одраз на целосна општествена акција и мобилизација доколку навистина сакаме резултати. Таа бара посветеност и одговорност, но бара и материјални и кадровски ресурси, рече Вели.ар/са/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан