• сабота, 11 мај 2024

Ѓукановиќ: Нова опасност од дестабилизација на Западен Балкан

Ѓукановиќ: Нова опасност од дестабилизација на Западен Балкан
  Њујорк, 24 септември 2021 (МИА) - Западен Балкан останува место на судир на геополитички интереси што може да го дестабилизира целиот регион, предупреди црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на 76 -та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Тој нагласи дека предизвиците и заканите за мултиетничката демократија на Балканот не се ништо помалку денес. „Западен Балкан повторно е сцена на спротивставени геополитички интереси, што ја забави интеграцијата на западно балканските општества во нивната природна европска средина, поткопувајќи ја довербата и забавувајќи ја асимилацијата на европските вредности. Оваа конфузија не само што доведува до стагнација и понатамошно заостанување во развојот на овој европски регион, туку исто така ја отвора вратата за враќање на деструктивните теории дека поради заостанатоста овој регион не може да живее како мултиетничка и мултирелигиозна заедница, ниту да го гарантира функционирањето на земјите. Ваквата конструктивна теза е специјално наменета да се припише на Босна и Херцеговина, но и на другите помали земји во регионот, со цел да се создаде алиби за продолжување на националистичките проекти од големи размери, како оние што доведоа до војна во оваа област во 1990-те години со речиси 150.000 човечки жртви“, истакна Ѓукановиќ. Тој нагласи дека решеноста на Црна Гора да се спротивстави на ваквите ретроградни и опасни идеи не е намалена. „Затоа денес Црна Гора предупредува на обновена опасност од дестабилизација на Западен Балкан и стеснување на хоризонтот на европската перспектива“, рече Ѓукановиќ. паг/

Остани поврзан