• петок, 22 ноември 2024

Ѓорѓиевски: Финализираме со проектот за реконструкција на сите улици во Усје

Ѓорѓиевски: Финализираме со проектот за реконструкција на сите улици во Усје

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска го посети Усје, каде изминатиов период интензивно се работи на обнова на патната инфраструктура.

Како што информираат од прес-службата на Општина Кисела Вода, улицата „5” е целосно реконструирана, а во моментот нов асфалт се става на улиците „22” и краците на улицата „1”. Сите улици, како што се додава во соопштението, се стари по повеќе од 30 години и откако се направени, на нив не е извршена никаква реконструктивна активност.

-Со завршувањето на овие сообраќајници, се финализира проектот за реконструкција на сите улици во Усје. Претходно, пред две години, на почетокот од својот мандат, градоначалникот Ѓорѓиевски ја заврши секундарната фекална канализациона мрежа, со што семејствата од Усје, добиваат современи и удобни услови за живот, кои се нужни во 21 век, се наведува во соопштението.

Ѓорѓиевски за време на посетата рече дека во моментов се работи на последните 5000 квадратни метри од големиот проект за реконструкција на сите улици.

- Изминатите три децении 600 семејства кои живеат тука се соочувале со немање слух од сите мои претходници кои дозволиле улиците да стигнат до катастрофална состојба. Како што им ветив, извршивме големи реконструктивни зафати со кои ја опфативме целата патна мрежа во Усје и  ќе финализираме за најмногу две седмици. На ова сакам да додадам дека претходно ја завршивме и фекалната канализација, што значи интервениравме и подземно и надземно, се со цел, нашите жители да имаат достоинствени услови за живот, а истото следува и во сите преостанати населби и населени места, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. дма/са/

Фото: Општина Кисела Вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан