• понеделник, 23 декември 2024

Ѓорѓиевски и отец Оливер со пакетчиња ги израдуваа децата од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“

Ѓорѓиевски и отец Оливер со пакетчиња ги израдуваа децата од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“

28 декември 2023 

Новогодишниот караван со кој Дедо Мраз патува низ општина Кисела Вода денес пристигна и во ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“. Дечињата со радост ја пречекаа кочијата натоварена со пакетчиња и им се заблагодарија на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и на отецот Оливер од Хуманитарната организација “Свети Спас” кои денес освен што им поделија пакетчиња, се дружеа со нив и им овозможија незаборавни моменти.

- Секогаш се радувам на средбата со пријателчињата од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“ и на можноста Новогодишните и Божикните празници да им ги збогатиме со подароци и со мигови на кои ќе се сеќаваат. Токму затоа одлучивме една од станиците на Новогодишниот караван кој во овие три дена патува низ целата општина да биде токму ова училиште. Заедно со отецот Оливер, кој е мој верен придружник во оваа денешна благородна мисија, им поделивме пакетчиња и им посакавме среќни празници и година исполнета со многу здравје и радост. Задоволни сме од среќата што ја гледаме на нивните лица и она што можам да им го ветам е дека и во Новата 2024та година Општина Кисела Вода ќе реализира мноштво од проекти во чиј фокус ќе бидат лицата со посебни потреби. Се надевам дека нашите заложби ќе допринесат за намалување на дискриминацијата на лицата со попреченост и овозможување на еднакви права со сите останати и тоа не само на локално ниво, туку и многу пошироко-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тридневниот Новогодишен караван финализира утре, петок, на 29 декември,  во паркот во Расадник. Во 12 часот големиот хепенинг почнува со детска претстава, а во 12:40 со свој концерт ќе настапат „Поточиња“. Во 13:30 публиката ќе ја забавуваат Сара Мејс и „Данса Латина Стефи“ со заеднички настап, а во 13:45 часот е закажан настапот на Пајак и Лара. На крајот од хепенингот, Дедо Мраз ќе подели пакетчиња за сите деца. Настанот има хуманитарен карактер. На штандовите поставени во паркот ќе се продаваат новогодишни изработки, а средствата од продажбата ќе бидат наменети за лекување на младиот Леонид Индов кој настрада во несреќен случај.

Општина Кисела Вода 

_______________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Општина Кисела Вода 

 

Остани поврзан