• вторник, 12 ноември 2024

Ѓоргиев: Се уриваат и последните надежи за пристоен дијалог и се зголемува расколот меѓу Македонците и Бугарите

Ѓоргиев: Се уриваат и последните надежи за пристоен дијалог и се зголемува расколот меѓу Македонците и Бугарите
Скопје, 18 април 2022 (МИА) - Се случи чин кој ги минира и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. Именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името „Ванчо Михајлов“ не претставува ништо друго освен смислена провокација, која во исто време праќа и порака, смета Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. - Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство, вели Ѓоргиев за Дојче веле. Според него, називот на бугарскиот културен клуб во Битола праќа и порака до Македонците, која нема никаква врска со културата. - Повеќе од очигледна е тенденцијата да се потсети македонската јавност дека познатите идеи на Михајалов во однос на македонската нација и јазик ќе продолжат да бидат негувани во самата Македонија. Порака која, за жал, ќе го направи уште поголем расколот меѓу Македонците и Бугарите. Од друга страна, ваквиот чин го покажува вредносниот систем на одредена заедница. Кога од минатото се извлекуваат одредени вредности култивирани преку личности или настани, тогаш преку нив се дефинира сегашна вредносна и идеолошка позиција, како и визијата кон иднината на една заедница. И кога притоа, и покрај постоење на бројни други можности, се извлекуваат вредности кои припаѓаат на мрачната страна на историјата, тогаш, се разбира, мрачна е и пораката што се праќа кон околината. За жал, ваквиот чин ги минира и ги доведува во прашање и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин се задушуваат и така сé помалубројните и сé потивки гласови на разумот на двете страни и се рушат и последните надежи за пристоен дијалог. Уште потажно е и тоа што е злоупотребена културата, еден од ретките мостови меѓу двата народа, оценува Драги Ѓоргиев. са/сп/

Остани поврзан