• недела, 22 декември 2024

Ѓоковиќ: Кога младите ќе почнат да ме победуваат, тогаш можеби ќе размислам за пензија

Ѓоковиќ: Кога младите ќе почнат да ме победуваат, тогаш можеби ќе размислам за пензија

Њујорк, 23 февруари 2024 (МИА) - Американскиот магазин „Спортс Илустрејтед“ направи сторија за српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ и на насловната страница напиша „дека дебатата за „Најдобриот на сите времиња“ е завршена“.

Ѓоковиќ изјави дека минатогодишниот пораз во финалето на „Вимблдон“ од Шпанецот Карлос Алкараз го мотивирал на американската турнеја. Србинот потоа ги освои Мастерсот во Синсинати и ЈуЕс Опен.

-Толку ме налути што морав да дојдам и да ги победам сите во Америка, рече Ѓоковиќ.

Американскиот магазин наведува дека српскиот тенисер често бил во сенка на Роџер Федерер и Рафаел Надал, но со текот на времето добивал се поголемо внимание и љубов од фановите. Федерер се повлече од тенисот во 2022 година, додека Надал паузираше речиси една година поради повреда.

-Можеби тоа е затоа што Роџер и Рафа не се таму. Чувствувам дека добивам повеќе љубов од публиката, тоа навистина го ценам и почитувам. Поголемиот дел од мојата кариера играв во непријателска средина, но научив како да се подобрувам. Луѓето мислат дека всушност е подобро за мене ако фановите не ме сакаат. Тоа го вади најдоброто во мојот тенис, смета тенисерот.

Ѓоковиќ одговори и на прашањето кога ќе ја заврши кариерата.

- Можеби ќе се приближи моментот кога ќе престанам да победувам на Гренд слем турнирите и кога нема да можам да бидам меѓу главните претенденти за големите титули. Кога младите момци ќе почнат да ме победуваат, тогаш веројатно ќе почнам да размислувам и да се прашувам дали да продолжам понатаму. Сепак, засега се е во ред, заврши Ѓоковиќ.

Најдобриот светски тенисер во моментов се подготвува за Мастерсот во Индијан Велс кој е закажан од 6 до 17 март.дс

Фото: Архива

Остани поврзан