• петок, 12 декември 2025

Шушњар: Хрватска е подготвена да ја купи српската нафтена компанија НИС

Шушњар: Хрватска е подготвена да ја купи српската нафтена компанија НИС

Загреб, 9 октомври 2025 (МИА) – Хрватска е подготвена да ја купи српската нафтена компанија НИС, изјави хрватскиот министер за економија Анте Шушњар, пренесе регионалната телевизија Н1.

- Нашата рака е подадена – ако тоа е решението, подготвени сме за тој чекор, рече Шушњар пред новинарите, коментирајќи ги американските санкции против НИС што стапија денеска во сила.

Тој нагласи дека целта на оваа иницијатива е да се обезбеди континуитет и заштита на деловните интереси на Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), кој со НИС соработува веќе 40 години, „без никакви аспирации за доминација на малопродажниот пазар во Србија“.

- Тоа би било од корист и за нас и за Србија, додаде хрватскиот министер.

Шушњар потсети дека единствената српска рафинерија, во Панчево, обезбедува околу 20 проценти од нафтените деривати на пазарот во Босна и Херцеговина, што е дополнителен предизвик за регионот.

- До крајот на месецот очекуваме модернизацијата на рафинеријата во Риека да биде завршена, со што ќе се зголемат капацитетите и ќе можеме да помогнеме на Босна и Херцеговина, а делумно и на Србија, рече Шушњар.

Тој додаде дека Хрватска е подготвена да испорача доволни количества нафта и на Унгарија, Словачка и Србија кога тоа ќе го дозволат условите. ссм/

фото: архива

Остани поврзан