Штипскиот градоначалник го повика обвинителството да го разгледа ревизорскиот извештај за 2021 година
- Непочитување на Законот за градежно земјиште, при продажба на градежните парцели, економските оператори кои ги граделе, биле без контрола, односно немало технички прием и надзор, не се активи
Штип, 8 ноември 2022 (МИА) - Непочитување на Законот за градежно земјиште, при продажба на градежните парцели, економските оператори кои ги граделе, биле без контрола, односно немало технички прием и надзор, не се активирале банкарски гаранции, а во рок од десет години поради селективна наплата на данокот на имот, Општината е оштетена за четири милиони евра, или тоа е околу 70 % од еден основен годишен буџет на општината. Ова се само дел од забелешките на ревизорите, кои ги констатирале во ревизорскиот извештај за работење на Општина Штип за 2021 година. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов по објавувањето на извештајот денеска го повика и обвинителството да го разгледа.
-Го повикувам Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај, да констатира она што го констатирал Државниот завод за ревизија и да се утврди одговорност, порача Јорданов.
Посочува дека една од најголемите забелешки на ревизорите и каде што има и голема штетата на граѓаните е неплаќањето на кредитот, кој е земен пред повеќе од една деценија. Кредитот кој е земен за реконструкција на старата водоводна мрежа поради негова неисплата на ратите, па сега износот на затезната казнена камата го надминал главниот долг за 220% и изнесува околу 120милиони денари. Јорданов посочува дека е направена голема штетата на општината и на граѓаните. Во ревизорскиот извештај е утврдено и дека дел од реализираните проекти се пуштени во употреба без технички прием или надзор.
-Доколку имало технички приеми и е констатирано тоа што Општина Штип го побарува во јавната набавка, секако дека немало да има забелешка. Најголем дел од реализираните проекти за кои се потрошени милионски суми немаat технички прием и немало подигање на банкарска гаранција, вели Јорданов.
Посочува дека во делот на наплатата на данокот на имот не е вршена принудната наплата, па општината се покажала како селективна. А поради застареност на долгот на име на данок на имот локалната власт во изминатите десет години изгубила четири милиони евра, пари кои значат развој и реализација на инфраструктурни проекти. Јорданов посочи дека веќе се аналуирани забелешките од страна на ревизорите, кои ги констатирале при ревизијата. вдј/