• петок, 22 ноември 2024

Штипскиот архив чувар на раритетна документација

Штипскиот архив чувар на раритетна документација
Штип, 22 септември 2021 (МИА) - Свидетелства за завршено основно образование на двајца жители од штипско Ново Село потпишани од револуционерот Гоце Делчев, додека учителствувал токму во училиштето, се едни од најстарите документи што се чуваат во депото на штипскиот архив. Директорот на штипскиот архив Делчо Трајков вели дека во добро заштитени депоа се чува и дипломата напишана со османлиско писмо на штипјанецот Христо Димитриев, првиот хирург на Балканот, како и личната архива на Сергеј Михајлов, творецот на првата опера во Македонија, која се состои од негови нотни записи и тестаментот. Дел од богатата архивска документација се и записите за најстарото занаетчиско здружение. - Најстар документ имаме од матичната книга на родените, некаде од 1869 година, од штипско Ново Село, од црквата „Света Богородица“. Тоа е најстариот, потоа имаме од 1893 до 1904 година свидетелства и тоа на ученици од штипско Ново Село, а на некои од нив е потпишан Гоце Делчев, како учител, имаме и други документи, кои ние сме успеале да ги чуваме и обработиме. Имаме и турски книги, кои дадовме да ги преведат колегите во Скопје, не знаеме дали тие се од османлискиот период, да речеме од 18 век, рече Трајков. Според евиденцијата во депото, на одредена температура и влажност на воздухот се чуваат 674 фондови, во 10.000 архивски кутии и околу 4.000 книги. - Тие се сместени во посебни простории, депоа, можам да кажам дека нашите депоа се опремени и тоа солидно, со рафтови, метални рафтови и полици. Сите си имаат место и се чуваат на одредена влажност и се води сметка за температурата и влажноста. Во овој дел немаме никакви проблеми, вели Трајков. Токму најстарите книги и историски документи годинава се дел од постановката, која е на десет паноа, а секој посетител додека чека да биде услужен може да прочита и да види по што е карактеристичен штипскиот архив, но и да ја види раритетната архивска граѓа. Трајков забележува дека тоа е и нивен мал придонес по повод одбележувањето 70 години од формирањето на Државниот архив. Работниците заминуваат во пензија со документите во Архивот Затворањето на големите текстилни комбинати „Македонка“ и „Астибо“ во Штип, но и приватизацијата и одење во стечаи на рудниците или на други фабрики во источниот регион во деведесеттите години на минатиот век е период на транзиција, но и кога голем број работници мораа да заминат во други фирми, па и во други индустриски гранки. По затворањето на овие големи комбинати и рудници вработените од Архивот влегувале во нив и ја собирале целокупната документација. Токму овие работници за да ги комплетираат документите за пензија, често тропнуваат на вратата и се обраќаат во Државниот архив во Штип, каде има документација од фирмите за работниците. Годишно до штипскиот архив се поднесуваат од 1.200 до 1.400 барања од граѓаните. Документите се зачувани во депоата, а работниците благодарение на нив заминуваат во пензија. - Ни доаѓаат повеќе странки од целиот источен регион, а повеќето од нив се заинтересирани за документи за имотно правни односи, работен стаж, квалификации. Тие кога доаѓаат тука, им наоѓаме потребни документи, им ги фотокопираме, но доколку нема, им даваме и документ дека не е кај нас документот, вели Трајков. Посочува дека Архивот во Штип има регионален карактер и кога им доаѓаат поранешни работници или граѓани кои бараат документација од другите градови веднаш и експресно ги опслужуваат, не ги враќаат назад и не им велат дека документот може да го подигнат за неколку дена. Вработените се свесни оти граѓаните за да дојдат до штипскиот архив имале и патни трошоци од своите градови и села. Затоа имаат и простор каде што луѓето можат и да почекаат додека документите се бараат во депоата. Често пати ги посетуваат и истражувачи, универзитетски професори, кои бараат документи за своите трудови и научни истражувања. - Претежно имаме документација од повоениот период од 1945 година, па до денес. Нешто имаме и од времето на СХС и тоа повеќе црковни документи, книги и од Исламската верска заедница и многу ретко и други документи, бидејќи многу од нив се однесени во Белград и не знам каде. Но, тоа што го имаме си го заштитуваме и е во интерес на граѓаните, додава Трајков. Оригиналните документи наскоро и во дигитална форма Документите, свидетелствата, записите од познати граѓани, научници, доктори, музичари се чуваат во оригинал, но наскоро ќе можат да бидат и во дигитална форма. Од Државниот архив во Штип велат дека се работи на обезбедување на апаритете за дигитализација на сите документи. - Нашиот архив ќе биде трето одделение во состав на Државниот архив што ќе има посебно одделение, кое ќе биде опремено, а ќе важи и за Архивот на Струмица и за целиот источен регион. Тоа се три одделенија на државно ниво, едното е во Градски архив Скопје, второто е во Прилеп и третото е во Штип. Така што целата територија ќе биде покриена за зачувување на документите во дигитална форма, вели Трајков. Раритетните архивски документи се презентирани со монографија и поставка, секој што ќе влезе во Архивот може и да ги види. Подготвени се годинава, а по повод 70 години од постоењето на Архивот. Викторија Димитрова-Јованова          

Остани поврзан