• сабота, 23 ноември 2024

Штериев: Берзите ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност

Штериев: Берзите ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Берзите, по се судејќи, ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност и висока инфлација и каматни стапки. Прогнозите се понеблагодарни од кога било, порача главниот извршен директор на Македонската берза Иван Штериев. На 21. Годишна конференција на Безрата, што се одржува денеска во Охрид Штериев рече дека 2022 година според многумина ќе биде историска од аспект на движењата во економиите, а следствено на тоа и на берзите. Цената на сите случувања ќе биде хиберниран економски раст и можна рецесија. - Се менуваат парадигмите за тоа што е нормала во водењето на макроекономските политики и инвестирањето. Се што во светски рамки се случи во изминативе неколку години кулминираше во инфлација што не сме ја виделе со децении. Централните банки се принудени да ги зголемуваат каматните стапки, иако до пред некое време тврдеа дека инфлацијата е транзиторна. Цената од сето ова секако ќе биде хиберниран економски раст и можна рецесија. Пазарниот сентимент набрзина се промени. Инвеститорите се загрижени, а префрлањето во побезбедни инструменти не е толку едноставно како порано во вакви ситуации. Берзите, по се судејќи, ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност и висока инфлација и каматни стапки, рече Штериев. Според него, веројатно ќе стане поактуелен и т.н. stock picking – внимателно избирање на поединечни акции (наместо инвестирање во широки индекси) на компании претежно од секторите логистика, суровини, енергетика, како и во обновливи извори (но со помалку  возбуда), инфраструктура, банки (но повнимателно), одбрана  итн. Некои други сектори што беа хит повеќе години наназад, посочи, нема веќе да бидат толку атрактивни, како ИТ. Штериев посочи дека годинава нашиот индекс МБИ10 е во минус нешто над 7 проценти, односно во корелација со развиените поазараи, но во помал степен. Словенија е минус 10 проценти, а Хрватска и Бугарија се со помал пад, од околу 4-5 проценти.  - Имаме околу 92 милиони евра вкупен промет, од кои на тргување со акции во БЕСТ отпаѓа 54 милиони. Ако ги екстраполираме овие промети на годишно ниво, доаѓаме до бројки доста послаби од последните неколку години, но сепак во некоја „златна средина“ за наши прилики последнава деценија, рече Штериев. Посочувајќи дека останува сите заедно да видиме што ќе се случува на берзите во наредниот период – глобално, регионално и локално рече дека се е отворено и оти прогнозите се понеблагодарни од кога било. Резултатите на котираните компании за третиот квартал што ќе се објават до крајот на октомври кај нас ќе бидат значаен индикатор за краткорочната иднина. Тој посети дека Загрепска берза (ЗСЕ) годинава стана најголем индивидуален акционер во нашата Берза со 30 проценти учество и укажа дека стратешката определба за сопственичко поврзување со поголема берза произлегува од проценката дека не може да имаме подинамичен развој во локалното окружување. - Со години ја градиме пазарната и институционална инфраструктура и таа е поставена на многу солидни основи – потврда за ова е токму влезот на ЗСЕ. Но, сите сме свесни - ни треба квантен скок и тоа не може да го направиме сами. Да се потсетиме на најгорливото ограничување - малата понуда на пазарот: котираните компании со години се исти, пазарната капитализација на Берзата е околу 26 проценти од БДП, за разлика од, на пример ЕУ, каде во просек е окулу 70 проценти. Нашиот дополнителен развој треба примарно да произлезе од нови инструменти. Патем речено, заблуда е дека кај другите мали берзи има многу повеќе хартии од кај нас. Ситуацијата и на Запад и во регионот е слична со нашата - концентрацијата на топ 10 акции е секаде извонредно висока. Нашиот предизвик е како од сегашните главни 3-4 блу чипа да дојдеме до двоцифрена бројка, рече Штериев. Со оглед на тоа што Загрепска берза како пазар е поразвиена, дополни, нивното искуство, нивното know-how, ќе го презентираме на нашите успешни претприемачи и компании, за некои од нив конечно да одлучат да издадат акции или други хартии. Секако, потенцираше, во овој воз може, ако сакаат, да влезат и државата, јавните претпријатија и единиците на локална самоуправа. Мора да направиме некој позначаен исчекор на овој план – инаку нема да имаме нов развој. -Со Загрепска берза како стратешки инвеститор би требало да ни се зголеми веројатноста за подобрување и на страната на побарувачката, во делот на привлекување на странски инвеститори кои со години ни недостасуваат. Се на се сега имаме оптимален сопственички микс: најголем поединечен акционер којшто е од бизнисот и којшто успешно го управува пазарот во Хрватска што е доста поразвиен, но истовремено има сличности со нашиот. Ваквиот стратешки инвеститор ќе знае да го насочи нашиот развој; плус ги имаме големите домашни банки како најголеми акционери и членки на Берзата. Очекуваме овој микс да отвори нови реални развојни можности, рече меѓу другото Штериев. лв/сп/

Остани поврзан