• сабота, 15 февруари 2025

Штајнмаер од Минхен: Администрацијата на Трамп не ги следи воспоставените правила

Штајнмаер од Минхен: Администрацијата на Трамп не ги следи воспоставените правила

Минхен, 14 февруари 2025 (МИА) - Американската администрација „не ги почитува воспоставените правила“ и Европа ќе мора да може „да се справи со ова“, изјави денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер за време на отворањето на Минхенската безбедносна конференција.

Тој нагласи дека „недостигот на правила не треба да стане модел за нов начин на организирање на светот“.

-Новата американска администрација има многу поинаква визија за светот од нас, која не ги зема предвид воспоставените правила, партнерства и изградената меѓусебна доверба. Не можеме да го промениме ова, но мора да го прифатиме и да се справиме со тоа, истакна Штајнмаер.

„Не е во интерес на меѓународната заедница овој светоглед да стане доминантна парадигма“, нагласи шефот на германската држава.

Претседателот на водечката европска економија го критикуваше Вашингтон и за концентрацијата на политичката и економската моќ во рацете на Доналд Трамп.

-Верувам дека во моментов во Соединетите Држави се формира историски невидена концентрација на технолошка, финансиска и политичка моќ, предупреди Штајнмаер. „Како демократ, многу ми пречи кога малата деловна елита има моќ, средства и волја да ги редефинира повеќето правила на играта на либералните демократии“, истакна тој. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан