• петок, 22 ноември 2024

Штајнмаер: Антиимигрантската реторика може да и наштети на германската економија

Штајнмаер: Антиимигрантската реторика може да и наштети на германската економија

Хошимин, 24 јануари 2024 (МИА) - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска предупреди дека зголемувањето на екстремно десничарската реторика за присилното протерување странци од Германија може сериозно да и наштети на економијата на земјата, јави ДПА.

Штајнмаер за време на неговата посета на Виетнам рече дека непријателството кон мигрантите е загриженост што постојано се истакнува на неговите средби со германската бизнис заедница.

„Многу претприемачи го забележуваат ова: ако за Германија се зборува со загриженост, дека земјата се движи политички, дека ние се затвораме во себе и даваме слобода на дискриминацијата или омаловажувањето на луѓето, тоа и штети на економијата“, рече Штајнмаер во Хошимин.

Акцентот за време на неговата државна посета на Виетнам се напорите за регрутирање квалификувани работници за работа во Германија.

„Германските компании постојано се жалеа на недостигот на висококвалификувана работна сила и тешкотиите да се најде вистинскиот кадар. Загриженоста за зголемената поддршка за политиката на екстремната десница во Германија е важна тема во разговорите и во Виетнам и во Германија“, рече Штајнмаер.

Тој ги пофали масовните протести низ Германија против партијата Алтернатива за Германија и другите десничарски екстремистички организации како јасен знак за демократија и толеранција.

„Демократскиот центар на нашето општество се разбуди и ја чувствува својата одговорност“, нагласи Штајнмаер. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан