Шпански град напуштен по грешка
- Средновековниот град - тврдина Гранадија е место на духови. Посетителите можат да ѕирнат во празните соби, да талкаат по ѕиданите улици и да го гледаат градот од врвот на неговиот замок. Но,

26 август 2022
Би-Би-Си
Средновековниот град - тврдина Гранадија е место на духови. Посетителите можат да ѕирнат во празните соби, да талкаат по ѕиданите улици и да го гледаат градот од врвот на неговиот замок. Но, никој не живее таму. Никој, откако сите жители беа избркани во 1960-те години.
Првично основан од муслимани во деветтиот век, Гранадија опфаќа стратегиско место со што на населението му беше овозможено да внимава на Сребрената Рута, древна трговска и патувачка рута низ регионот.
Со годините, владеењето на градот се менуваше, а денес е еден од малкуте шпански тврдини каде античките ѕидови сè уште се недопрени. Но, заедницата што живееше во ова место сè до 1960-те години, ја нема.
Крајот започна во 1950-те години, за време на диктатурата на Франциско Франко, кога Шпанија го почна големиот проект за изградба на брани како начин да се поттикне економијата во период на изолација. Најголемиот напор беше акумулацијата Габриел и Галан на реката Алагон, а во 1955 година, официјални лица декретираа дека Гранадија се наоѓа на критична позиција и поради закана од поплави, мора да има евакуација.
Во период од 10 години, од 1959 до 1969 година, сите 1.000 жители беа присилно евакуирани, многумина преселени во населби за колонизација во близина. Кога водата почна да се крева во 1963 година, ги опфати сите освен една рута во местото, претворајќи го во полуостров. Но, тоа е највисоко што допре водата - самиот град никогаш не беше поплавен. Како и да е, на жителите не им беше дозволено да се вратат.
Поплавата што никогаш не надојде
Тоа што го искусија локалните жители беше трауматично, многумина од нив сè уште се фрустрирани.
- Апсурдно е. Тие нè исфрлија, велејќи браната ќе го поплави градот, што беше невозможно, затоа што градот е на повисоко од браната. Но, тоа беа времиња на диктатура, ние немавме никакви права. Сепак, она што вистински ме фрустрира е тоа дека во демократски времиња, јас се мачев за враќање на Гранадија со поранешното здружение за деца, а ниту една влада не нè послуша, изјави Еухенио Хименез, претседател на Здружението Синови на Гранадија.
Пурификасион Хименез, поранешна жителка, исто така се потсети на маките тогаш.
- Јас се сеќавам дека секогаш кога семејство си заминуваше, сите доаѓаа на влезот од местото за да се поздрават и да плачат, истакна таа.
Дури и денес, на жителите не им е дозволено да си ги повратат своите домови, бидејќи Владата го одржува декретот за поплави, потпишан од Франко. Но, посетители можат и го посетуваат местото на еднодневна прошетка. Градот беше назначен за историско - уметничко место во 1980 година и сега се води како бесплатен музеј на отворено, надгледуван од Агенцијата за автономни национални паркови. А што се однесува до жителите, тие и нивните потомци се среќаваат двапати годишно во градот, на Денот на сите светци на 1 ноември и на Денот на успението на Марија на 15 август. бд/


