• недела, 22 декември 2024

Шпанскиот Парламент го отфрли предлогот за амнестија на каталонските сепаратисти

Шпанскиот Парламент го отфрли предлогот за амнестија на каталонските сепаратисти

Мадрид, 30 јануари 2024 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска доживеа голем неуспех откако Парламентот во прво читање го отфрли предлог-законот за амнестија на каталонските сепаратисти, што ја покажува големата слабост на неговата влада назначена пред само два и пол месеци, оценуваат локалните медиуми.

Парадоксално, каталонската партија на Карлс Пуџдемонт „Junts per Catalunia“ гласаше против овој контроверзен предлог-закон. Партијата оцени дека таквиот закон не гарантира амнестија за нејзиниот лидер, главната фигура во обидот за отцепување на Каталонија од Шпанија во 2017 година.

Законот предложен од Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Санчез, беше услов за поддршка на тврдокорните каталонски сепаратисти за владејачката коалиција, која зависи од голем број помали партии.

Отфрлањето во прво читање не значи откажување од предлог-законот, туку дека тој ќе мора да се врати на собраниската комисија каде може да се измени. Но, тоа го илустрира постојаниот притисок на кој партијата на Пуџдемон ја подложува извршната власт, која нема мнозинство пратеници.

„Понижувањето е константно, секој ден... Секој глас е тешко искушение“, рече лидерот на десничарската опозиција Алберто Нуњез Фејо, кој во неделата повторно мобилизираше 45.000 приврзаници во центарот на Мадрид против амнестијата, која длабоко го поделува шпанското општество.

Ако Парламентот на крајот го усвои законот, тоа ќе дозволи суспензија на правните постапки против стотици сепаратистички активисти и водачи за обид за отцепување, вклучувајќи го и Пуџдемон, кој побегна во Белгија. ссм/

фото: ДПА

 

Остани поврзан