Шолц и СПД ги демантираат тврдењата за наводна средба со Путин пред изборите
- Германската влада најави правни чекори против овие тврдења, наведувајќи дека нема планови за такво патување и дека овие изјави се клевета.
Берлин, 5 јануари 2025 (МИА) - Германската Социјалдемократска партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц го обвини опозицискиот конзервативен политичар Родерих Кизеветер за ширење лажни информации за наводна планира средба помеѓу Шолц и рускиот претседател Владимир Путин пред предвремените парламентарни избори во Германија, закажани за 23 февруари, пренесува ДПА.
Лидерот на парламентарната група на СПД, Ролф Мицених, изјави дека изјавата на Кизеветер е „чисто фабрикување“. Генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш, додаде дека тврдењето е „подмолно и ниско“.
Кизеветер на платформата „Икс“ објави дека „канцеларот Шолц може да отпатува во Москва за средба со Путин пред изборите“.
Германската влада најави правни чекори против овие тврдења, наведувајќи дека нема планови за такво патување и дека овие изјави се клевета. Мирш побара од опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) да се огради од објавата на Кизеветер, додавајќи дека ова го нарушува договорот за фер изборна кампања. ссм/
фото: архива