• петок, 22 ноември 2024

Шолц е подготвен на разговор со Путин „кога за тоа ќе дојде време“

Шолц е подготвен на разговор со Путин „кога за тоа ќе дојде време“

Берлин, 26 мај 2023 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за Украина „кога ќе дојде време“.

-Помина долго време од мојот последен телефонски разговор. Но, кога ќе дојде време, имам намера повторно да разговарам со Путин, рече Шолц во интервју објавено од дневниот весник „Келнер Штад-Анзајгер“.

Што се однесува до решавањето на конфликтот, „Русија мора да разбере дека не може да се работи за замрзнување на некој вид студен мир, според кој сегашната линија на фронтот би станала новата граница меѓу Русија и Украина. Ова само ќе му даде легитимитет на криминалниот потфат на Путин“, нагласи Шолц во интервјуто.

-Напротив, мораме да постигнеме фер мир, а услов за тоа е повлекување на руските трупи од Украина, откако почна инвазијата во февруари 2022 година, додаде тој.

Меѓутоа, тој експресно одби да каже дали тоа повлекување треба да го опфати и Крим, што е окупиран од 2014 година.

Последен пат Шолц разговараше со рускиот претседател во декември, кога имаа едночасовен телефонски разговор. Тогаш шефот на германската Влада по којзнае кој пат го повика, но без успех, шефот на руската држава да ги повлече своите војници од Украина, додека Путин го обвини Западот дека води „деструктивна“ политика. сд/

 

 

Остани поврзан