• петок, 05 декември 2025

Шефчовиќ: Верувам дека сè уште постои можност за продолжување на преговорите со САД

Шефчовиќ: Верувам дека сè уште постои можност за продолжување на преговорите со САД

Брисел, 14 јули 2025 (МИА) - Европската Унија подготвува дополнителни контратарифи за увоз од САД во вредност од 72 милијарди евра (84 милијарди долари), изјави денеска комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, по новите тарифи што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп.

ЕУ сè уште се надева дека ќе најде договорено решение во спорот со Вашингтон околу наводните трговски нерамнотежи и заканите за зголемување на тарифите и дека ќе избегне наметнување на контратарифите.

-Верувам дека сè уште постои можност за продолжување на преговорите со САД, изјави Шефчович на прес-конференција по денешниот вонреден состанок на министрите на ЕУ во Брисел.

Три месеци разговаравме за трговски договор во принцип со Вашингтон, бевме блиску до потпишување, но во некои области останаа разликите, објасни тој, откако американскиот претседател Доналд Трамп во саботата објави дека ќе воведе царина од 30 проценти на увозот од ЕУ од 1 август. Претходно денеска, Шефчович рече дека трговијата со САД ќе стане речиси невозможна со вакви царини.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен, кој претседаваше со денешниот состанок на Советот на ЕУ, изрази подготвеност да дејствува во случај на каков било развој на настаните по прашањето за царините.

-Доколку не се постигне договор, ЕУ може да преземе одмазднички мерки, меѓу нас постои силно чувство на единство, рече тој. „Земјите од ЕУ сметаат дека воведувањето царина од 30 проценти е целосно неприфатливо и неоправдано“, објасни министерот. Според него, данското претседателство со Советот на ЕУ останува подготвено да свика нов состанок доколку е потребно.

Министрите за трговија на ЕУ се состанаа денеска во Брисел за да разговараат како да одговорат на најновото соопштение и да подготват контрамерки.

Листата, која сега им е презентирана на земјите-членки на ЕУ, се базира на предлог на Европската комисија во мај и првично опфаќаше главно индустриски и земјоделски стоки со обем на увоз од околу 95 милијарди евра.

По консултациите со главните градови и претставниците на индустријата, листата беше изменета. Шефчович не даде никакви детали за тоа кои стоки се отстранети од листата. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан