• недела, 22 декември 2024

„Шел“ официјално потврди дека нема гас и нафта на планината Шпираг во Албанија

„Шел“ официјално потврди дека нема гас и нафта на планината Шпираг во Албанија

Тирана, 15 април 2024 (МИА) – Наспроти тврдењата на премерот Еди Рама, кој во август минатата година, објави дека во планината Шпираг кај Берат е пронајдено големо количество висококвалитетен гас и нафта, холандската компанија „Шел“ официјално го потврди неуспехот на потрагата по нафта во Шпираг, предупредувајќи на нејзино повлекување од оваа локација, објави Kapitali.al.

-Во извештајот за резултати за првиот квартал од оваа година, компанијата известува дека ќе избрише од својата евиденција над 600 милиони долари трошоци за истражување, главно во Албанија. Нафтените компании трошат милијарди долари за истражување со собирање сеизмички податоци и дупчење бунари за откривање на нови наоѓалишта на нафта и гас. Но, кога истражувањето не успее или бунарите се покажат непрофитабилни, компаниите ги отпишуваат своите регистри, наведува истиот извор.

Весникот потсетува дека на 13 февруари годинава ја објавил веста дека испитувањата на Шпираг оди кон неуспех.

- Тогаш владата и компанијата не реагираа. Но, сега, веста за неуспехот официјална е потврдена и од „Шел“, додава весникот.

Во објавата од минатата година Рама напиша дека по речиси десет години работа „во планината Шпираг пронајдено е големо количество висококвалитетен гас и нафта“ што ќе „влијае на иднината на земјата и на енергетската иднина на Европа“.

-Од посетата на местото на големата надеж за Албанија 2030, каде по титанска работа од речиси десет години и достигнување на 6002 метри длабоко во земјата, допрена е голема резерва на гас и нафта со највисок квалитет. Во меѓувреме, за негово извлекување се подготвува решавачкиот тест за стабилноста на подземниот притисок, кој во случај на успех ќе значи историски скок во економскиот живот на државата, напиша тогаш премиерот Рама.

Рама објави и фотографии и видео од посетата на местото каде што „Шел“ вршеше испитувања. вт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан