Шеесет минутен молк во Солун за жртвите од трагедијата во Кочани – Македонците изразија сочувство и почит за жртвите (ДПЛ)
- - Ние како македонска заедница, односно студенти, кои студираат во Солун и тие што овде живеат со години се собравме да изразиме сочувство. Не беше ништо политички поврзано, не беше тоа целта и многу сме ѝ благодарни на грчката полиција што дозволи вакво нешто, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина студентката Деспина Крлеска, која е меѓу иницијаторите и организаторите на собирот „Солун во молк за Кочани“ што точно напладне се одржа на солунскиот плоштад „Аристотел“.

Атина, 22 март 2025 (МИА) – „Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Паралелно, упатија пораки преку паноата, а на едно од нив беа испишани и имињата на загинатите со пораката „Почивајте во мир“.
На друго беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески – „Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“, но и дел од „Црнила“ на Коле Чашуле – „Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“.
Оние кои ја покренаа иницијативата за МИА објаснија дека идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одѕив за помош на Македонците кои живеат во овој грчки град.
-Ние како македонска заедница, односно студенти и тие што живеат во Солун со години се собравме да изразиме сочувство. Не беше ништо политички поврзано, не беше тоа целта и многу сме ѝ благодарни на грчката полиција што дозволи вакво нешто, вели студентката Деспина Крлеска, која е меѓу иницијаторите и организаторите на собирот „Солун во молк за Кочани“ во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Преку МИА, студентката Крлеска ја изразува подготвеноста на Македонците од Солун, за каква било помош за повредените кои се на лекување во солунските болници, како и на ни нивните семејства.
Повикот за собирот беше објавен на социјалните мрежи.
-Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка, пишуваше во повикот.
Голем интерес од грчките медиуми за собирот во Солун
Собирот предизвика интерес и кај грчките медиуми, како што истакнува Крлеска за МИА, но и судејќи според објавените текстови.
За собирот, со вклучување во живо од солунскиот плоштад информираше грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите, а објавија и информативните портали, пред сè оние од Солун, но и државната новинска агенција АНА-МПА.
- Со плакати во рацете, со напишани имињата на 59-те загинати, во тивок протест, но со цел тој да биде силен, за да го одржат жив споменот на 59-те жртви, но и да ја испорачаат правдата и да ги казнат виновниците, колку високо и да се наоѓаат, ова е тоа што бараат насобраните студенти, кои студираат на универзитетите во Солун, рече новинарот на ЕРТ.
Државната агенција во текстот под наслов „Солун: 60 минути молк – собир во спомен на жртвите од смртоносниот пожар во градот Кочани“ детално пишува за собирот и пренесува изјави на учесниците.
Деспина Крлеска изразува благодарност за поддршката и посочува дека функционирале „како тим, како заедница и тоа нè прави посилни“, додека Јасмина Кузманоска-Рига која е мажена во Солун за АНА-МПА рекла дека повеќето несреќни родители се на нејзина возраст.
- Ги загубивме нашите деца. Им благодариме на Грција, која помогна во голема мера и на многу други земји, ние сме пред сè соседи. Господ да им даде сила на родителите бидејќи нивната болка е неподнослива. Ние сме мала земја, многу млади луѓе се изгубија, коментира за грчката новинска агенција.
Меѓу учесниците во собирот имало и грчки студенти кои истакнале дека оваа трагедија треба да ги разбуди младите.
Солунскиот информативен портал „Гртајмс“ коментираше дека „Солунчани кои поминаа покрај местото на собирот, исто така, немо им оддадоа почит на жртвите од трагедијата“.ср/лв/
Фото: МИА