• петок, 22 ноември 2024

Шведско разузнавање: Не е исклучено Иран да стои зад нападите врз израелските амбасади во Данска и Шведска

Шведско разузнавање: Не е исклучено Иран да стои зад нападите врз израелските амбасади во Данска и Шведска

Стокхолм, 3 октомври 2024 (МИА) – Инволвираност на Иран во неодамнешните инциденти во близина на израелските амбасади во Данска и Шведска е можна хипотеза, изјави на прес-конференција Фредрик Халстром, функционер на шведската разузнавачка служба.

- Постојат елементи кои укажуваат дека можеби е така, (особено) изборот на целта и начинот на работа. Но, ова е повеќе хипотеза отколку докажан факт, рече тој.

Во вторникот вечерта во близина на израелската амбасада во Данска се случија експлозии, најверојатно предизвикани од фрлени гранати. Двајца млади Швеѓани, на возраст од 16 и 19 години, се осомничени дека носеле пет гранати и фрлиле две од нив, според обвинителството. Судија денеска им одреди 27 дневен притвор. Обвинителството денеска соопшти дека се разјаснува „дали мотивот е терористички напад“.

Истиот ден беше пукано во амбасадата во Шведска, при што немаше повредени.

На прашањето за улогата на криминалните групи во овие инциденти и за можната поврзаност меѓу нив, Јохан Олсон, шеф на националната полиција, кој беше присутен на прес-конференцијата, одби да коментира поради тековната истрага.

Според „Свенска дагбладет“, полицијата се сомнева дека нападите во Стокхолм и Копенхаген биле извршени во име на Иран и дека зад нив стои криминалната мрежа „Фокстрот“ предводена од Рава Маџид.

Весникот пишува дека „мисијата“ против амбасадата во Копенхаген била спомната во шифрирана порака поврзана со оваа криминална група.

На крајот на мај, шведското разузнавање соопшти дека Иран регрутира членови на шведски криминални банди за да извршат „акти на насилство“ против Израел. Техеран ги отфрли овие наводи.

Односите меѓу Израел и Техеран се крајно затегнати, а Иран во вторникот истрела 200 ракети врз Израел. јт/

Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан