Швајцарската јавност бара одговорност по трагедијата во Кран-Монтана
- Швајцарскиот весник „Блик“ утринава објави дека расте јавното незадоволство. „Зошто двајцата управители на барот се на слобода?“, гласи насловот на насловната страница, поставен над фотографија од ожалостени граѓани и новинари собрани околу големата купчина цвеќиња пред барот „Констелацион“.
Кран-Монтана, 5 јануари 2026 (МИА) - Се зголемува јавниот притисок за одговори од истрагата по пожарот во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, во кој загинаа 40 лица, откако властите соопштија дека сите жртви се идентификувани Поголемиот дел од загинатите се тинејџери.
Според обвинителството, пожарот избувнал во првите часови на 1 јануари, а најверојатна причина е употреба на бенгалски оган или свеќи, кои го запалиле таванот на угостителскиот објект.
Властите ги истражуваат двајцата управители на барот по неколку основи, вклучително и за предизвикување смрт од небрежност. Полицијата вчера соопшти дека засега нема основи тие да бидат приведени и дека не се смета оти постои ризик од бегство.
Швајцарскиот весник „Блик“ утринава објави дека расте јавното незадоволство. „Зошто двајцата управители на барот се на слобода?“, гласи насловот на насловната страница, поставен над фотографија од ожалостени граѓани и новинари собрани околу големата купчина цвеќиња пред барот „Констелацион“.
Најмладите жртви од пожарот, во кој беа повредени повеќе од 100 лица, имале само 14 години. Загинатите се од повеќе европски земји, меѓу кои и неколку од Франција и Италија. Швајцарските власти не ги објавија имињата на жртвите.
Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини напиша на социјалните мрежи дека „во цивилизирана земја како Швајцарија, доста луѓе ќе треба да завршат во затвор“. Тој оцени дека имало пропусти во осигурувањето на безбедноста во подрумот на барот, доведувајќи ги во прашање системите за противпожарна заштита и дали биле спроведувани доволно инспекции.
Ајка Шапаз, која учествуваше во вчерашниот тивок марш во градот, изјави дека мора да има правда во име на идните генерации. „Клучно е никогаш повеќе да не дојде до ваква трагедија. Истрагата мора да биде темелна“, рече таа.
Друг водечки швајцарски весник, „Тагес-Анцајгер“, објави дека мора да се дадат одговори на прашањата за проверката на возраста на посетителите, употребените материјали за звучна изолација во подрумот и стандардите што ја регулираат употребата на пиротехника.
Еден од управителите на барот, Жак Морети, изјави за швајцарските медиуми дека „Констелацион“ бил проверуван трипати во изминатите 10 години и дека сè било во согласност со прописите.
Властите во кантонот Вале соопштија дека истражителите проверуваат дали барот ги поминувал задолжителните годишни инспекции, додавајќи дека општината досега не изразила загриженост ниту пријавила неправилности. ссм/ми/
фото: архива