• понеделник, 23 декември 2024

Човековите предци пред 900.000 години биле пред исчезнување

Човековите предци пред 900.000 години биле пред исчезнување

Рим, 4 септември 2023 (МИА) - Научен труд објавен во академското списание „Сајенс“ (Science) наведува дека луѓето биле на работ на исчезнување пред околу 930.000 години. Со помош на нов метод на анализа, научниците тврдат дека предците на денешните луѓе преживеале во група од едвај 1.300 поединци.

Користејќи нова техника за анализа на генетски податоци, меѓународната група научници посочи дека човековите предци претрпеле сериозно „тесно грло“ околу опстанокот на населението. Оваа „криза“, којашто траела 120.000 години, резултирала со пад на бројот на хомо-сапиенс поединци кои имале деца, од околу 100.000 на 1.280 поединци. Ваков пад на населението би можел да значи крај на човештвото, се вели во трудот.

Иако претходните студии за човечката еволуција ги претпоставуваа ваквите падови на населението во ерата на плеистоценот, научниците имаа проблем да најдат доволно докази поради недостатокот на човечки фосили и археолошки наоди од тој период.

„Методот наречен ‘Фиткоул’ (FitCoal), е целосно нов и има точност од 95 отсто“, велат двајца од авторите на истражувањето, антропологот Фабио ди Винченцо од Универзитетот на Фиренца и палеонтологот Џорџо Манци од Универзитетот Сапиенца во Рим.

- Мораме да ја разгледаме генетската разновидност присутна во популациите каде што живееле предците на избраните индивидуи. Колку е помала генетската разновидност, толку е помала популацијата, појасни антропологот Селин Бон од Францускиот национален природонаучен музеј.

Со повторно следење и споредување на човечките генетски мутации, новиот аналитички метод им помогнал на научниците да дојдат до - „минималниот број плодни индивидуи потребни да се генерира целата генетска варијабилност забележана во следните поколенија“, според Ди Винченцо и Манци. 

Но, проценката е дека тие 1.280 поединци, сепак, не го претставуваат целото население на човекови предци на Земјата во тоа време.

- Зборуваме само за репродукција на поединци, проценката не ги зема предвид децата, постарите или оние кои поради една или друга причина не се размножувале, рече Бон.

Праисториските луѓе кои еволуирале во хомо-сапиенс не биле единствените кои чекореле по Земјата, се вели во написот.

- Ова генетско следење ги исклучува сите човечки групи кои можеби живееле во тоа време, но не се наши директни предци, додаде Антоан Балзо, директор за истражување во Францускиот музеј.

Во меѓувреме, други испитувања ги посочуваат климатските промени како еден од главните предуслови што довеле до тој голем пад на населението кај нашите предци.

- Пред околу 900.000 (години) имало климатски промени со пожесток студен период и помалку дожд во Африка, коишто можеби создале пустини и изолирани групи луѓе, и што го направиле преживувањето поголем предизвик, изјави Крис Стрингер - раководител на истражувањата и антрополог од Британскиот природонаучен музеј.

„Предизвикувачките услови на животната средина довеле до демографска криза меѓу човековите предци“, додаваат Ди Винченцо и Манци.

Други научници, сепак, остануваат скептични.

- Иако овие климатски настани се неспорни, многу помалку може да се заклучи со сигурност дека постои причинско-последична врска со тоа „тесно грло“, рече Балзо.

Како што пренесува „Инсајдер“, укажувајќи на методологијата на истражување користена во студијата, којашто се заснова на просечна генерација од 24 години, Балзо се сомневаа во точноста на проценетиот временски период.

- Точноста на тој временски период е многу сомнителна, може (да се погреши и за) 200.000 години повеќе или помалку, се согласи Тијери Гранж, молекуларен генетичар и специјалист за древни популации во Институтот „Жак Моно“ во Париз, во интервју за весникот „Фигаро“. 

- Тоа е провокативен труд, особено со замислата дека толку мал број поединци би можеле да го сочуваат целиот вид повеќе од 100.000 години, дополни Британецот Стрингер.

За Бон, пак, истражувањето нè враќа на едно од најзанимливите прашања: „Како хомо-сапиенсот успеал да преживее?“ - Тоа прашање допрва треба да се испитува.  си/

Фото: Пиксабеј.

Остани поврзан