Четири грчки опозициски левичарски партии преку заедничка изјава бараат од Владата иницијативи за ситуацијата во Газа
- Запирање на сите воени операции на Израел во Газа; отворање на сите хуманитарни канали; грчката Влада јасно и недвосмислено да ги осуди злосторствата на Израел против палестинскиот народ, грчката Влада да ја прекине воената соработка со Израел, бараат, меѓу другото, пратеничките групи на СИРИЗА, Комунистичката партија, Нова левица и Курс на слобода, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 26 мај 2025 (МИА) – Запирање на сите воени операции на Израел во Газа; отворање на сите хуманитарни канали; грчката Влада јасно и недвосмислено да ги осуди злосторствата на Израел против палестинскиот народ, грчката Влада да ја прекине воената соработка со Израел, бараат, меѓу другото, пратеничките групи на СИРИЗА, Комунистичката партија, Нова левица и Курс на слобода, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку заедничка изјава упатена до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, четирите левичарски опозициски партии бараат иницијативи од Владата за ситуацијата во Газа.
Велат дека „палестинскиот народ живее драматични моменти“, дека Израел ги ескалира воените операции „со цел да го истреби палестинското население“, но и дека „делумното или целосното истребување на населението претставува геноцид“.
- Грчката влада нема никакво политичко, правно или морално право да ги оправдува и на крајот да ги поддржува овие злосторства. Мора, и во својство на непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, да преземе активни, итни и јасни иницијативи за запирање на геноцидот врз палестинскиот народ, за решавање на хуманитарната криза и за признавање на палестинска држава во границите од 1967 година со источен Ерусалим како нејзин главен град, пишува во заедничката изјава на четирите партии.
Дополнително, бараат собранискиот спикер да го покани во грчкиот Парламент претседателот на Палестинската управа Махмуд Абас, „со цел да го информира грчкиот народ за ситуацијата во Појасот Газа и на палестинските територии како целина“.
Заедничката изјава е потпишана од лидерите на СИРИЗА, Комунистичката партија, Нова левица и Курс на слобода, Сократис Фамелос, Димитрис Куцубас, Алексис Харицис и Зои Константопулу. ср/ссм/
Фото: Архива МИА