• петок, 02 јануари 2026

Четириесет проценти од новороденчињата во Виена не се австриски државјани

Четириесет проценти од новороденчињата во Виена не се австриски државјани

Виена, 2 јануари 2026 (МИА) - Бројот на деца родени во Австрија кои немаат австриско државјанство бележи постојан раст, а најновите податоци за 2024 година покажуваат дека тие сочинуваат 40 проценти од вкупниот број новороденчиња, јави австрискиот јавен сервис ОРФ, повикувајќи се на државната Статистичка служба.

Според статистиката, пред 20 години овој удел изнесувал околу 20 проценти, додека денес во одредени делови на Виена над 50 отсто од новороденчињата немаат австриско државјанство. Иако постои законска можност за натурализација, истражувачот за миграции од Економскиот универзитет во Виена, Јудит Коленбергер, посочува дека процесот е долготраен и оптоварен со бирократски пречки.

- Ова значи дека долг временски период овие деца немаат форма на политичка припадност, бидејќи државјанството е директно поврзано со активното и пасивното право на глас, нагласува Коленбергер. Таа предлага децата на родители кои законски престојуваат, работат и плаќаат даноци во земјата, да добиваат државјанство по автоматизам со самото раѓање.

Сепак, федералната влада, која е надлежна за ова прашање, како и градските власти во Виена, засега ја отфрлаат можноста за ваква фундаментална промена на регулативата. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан