• четврток, 21 ноември 2024

Четврта јавна расправа за предлог законските решенија за реформи во јавната администрација

Четврта јавна расправа за предлог законските решенија за реформи во јавната администрација

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) – Поголемо внимание да се посвети на постапката на вработување во јавната администрација и при вработувањето покрај образованието во предвид да се земат и компетенциите и неформалното образование, да се промени делот на пресметка на платите во јавниот сектор и тие да бидат врзани со просечната плата, бидејќи во предложеното решение тие се помали отколку во постојното, како и да се отстрани партискиот клиентелизам и да се вгради поголема автономија кај јавната администрација.

Ова се главните препораки од четвртата и последна јавна дебата по работните верзии на Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, организирана од Министерството за јавна администрација со матичната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, под покровителство на Националниот демократски институт, во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“. 

Министерот за јавна администрација Горан Минчев рече дека реформата на јавната администрација е централен приоритет на Владата, а фокусот е на создавање на потранспарентна јавна администрација.

-Нашата цел е да создадеме закони кои се применливи. Добиените препораки од јавните дебати беа и ќе бидат клучни за носење на новите закони за јавна администрација, посочи Минчев.

Реформата на јавната администрација, додаде, е клучен процес кој не вклучува сите нас. Нашата цел е до крајот на годинава да ги доставиме новите законски решенија.

-Со дебата ќе дојдеме до предлог законски решенија кои се применливи. Ќе ги слушнеме сите предлози и ќе ги имплементираме во рамките на нашите законски надлежности. Сепак, не можеме да ги исполниме желбите на сите, но сакаме да дојдеме до решенија кои се поприфатливи, рече Минчев.

Професорот Борче Давитковски укажа дека при конечната верзија на законите треба да се земат во предвид двете одлуки на Уставниот суд, едната за статусот на вработените во високото образование, а втората за балансерот. Би било добро, како што рече, да се земе во предвид и принципот на поделба на власта.

-Треба конечно да се донесат овие закони за да не добиеме негативни реперкусии од ЕУ, истакна Давитковски.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов порача дека имаат забелешки за законските решенија во делот на платите, колективните договори и правото на штрајк во јавниот сектор.

-Законот треба да биде во интерес на вработените кои ќе работат во јавната администрација. Во делот на платите, загрижува што во пресметката во новото законско решение дури и се намалени во однос на сегашните пресметани по постојното законско решение. Загрижени сме што е изземена минималната плата. Треба работниците да добијат плата со коефициенти со просечната плата како функционерите. Бараме во платите да биде предвиден и трошокот за превоз, рече Трендафилов.

Во делот на колективните договори, како што кажа, главна забелешка е платите да бидат утврдени преку колективните договори. Во делот на штрајкот, додаде, не треба да има ограничување на правото на штрајк на вработените во јавниот сектор освен за вработените во специјалните институции, како што се полицијата и одбраната.

Трпе Деаноски од УПОЗ, пак,  посочи дека треба да се додаде во законските решенија и дел за унапредување на вработените во јавните институции.

-Треба да се стави ред и во делот на прераспределба на вработените. Во делот на платите сметам дека имаме колективен договор и треба само да се прилагоди во делот на коефициентите, рече Деаноски.

Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати посочи дека при пресметката на платата треба да се земат во предвид и коефициентите на сложеност на работното место и образованието на вработените за да не ни се случува вработени со различно образование да имаат исти плати како што е во сегашното законско решение. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан