• сабота, 21 декември 2024

Четворица американски сенатори ги паузираа изборните кампањи за да се заколнат во судскиот процес за отповикување на Трамп

Четворица американски сенатори ги паузираа изборните кампањи за да се заколнат во судскиот процес за отповикување на Трамп
Вашингтон, 16 јануари 2020 (МИА) - Четворица американски сенатори кои учествуваат во трката за номинација за претседателски кандидат од Демократската партија, ги паузираа своите кампањи за да дадат заклетва во Сенатот на првата седница денеска за отповикување на претседателот на САД Доналд Трамп. Сенаторите Берни Сандерс од Вермонт, Елизабет Ворен од Масачусетс, Ејми Клобучер од Минесота дојдоа денеска во Вашингтон и остануваат во наредните денови, правејќи пауза во своите изборни кампањи. Кори Букер, сенатор од сојузната држава Њу Џерси, ја напушти трката повикувајќи се на потребата да биде во Вашингтон за време на судењето на Трамп во Сенатот. Судијата на Врховниот суд Џон Робертс даде заклетва по што следуваа заклетвите на сите сто членови на Сенатот, кои потпишуваа колнејќи се дека ќе судат „непристрасна правда“. Трамп е обвинет за злоупотреба на претседателската власт и попречување на работата на Конгресот. - Одлучено е дека Џон Доналд Трамп, претседател на САД, е обвинет за тешки кривични дела и злоупотреба, прочита на почетокот на седницата Адам Шиф, демократски конгресмен од Калифорнија и еден од седуммината менаџери на импичментот кои се всушност обвинители. Две третини од стоте сенатори треба да гласаат за отповикување на претседателот, и ако тоа се случи Трамп ќе биде отстранет од функција и деградиран. Сепак, распоредот на силите во Сенатот е 53 наспроти 47 членови во полза на републиканците, за кои се предвидува дека нема да гласаат за отповикување на претседателот. Главното сослушување на процесот ќе почне во вторник идната недела. кб/гт/

Остани поврзан